Македонското знаме се вее пред седиштето на НАТО, С.Македонија 30. членка
Foto

Македонското знаме се вее пред седиштето на НАТО, С.Македонија 30. членка

На свечена церемонија со кревање на знамето на Северна Македонија, вчера во седиштето на НАТО во Брисел се означи официјалното пристапувањето на земјава во Северноатлантската алијанса. 

Како дел од свечената и церемонијална завршница на стапување на земјава во полноправно членство во НАТО, истовремено беа подигнати три македонски знамиња, две во Белгија и едно во САД. Церемонијата на подигнување на знамето се одржа симултано во исто време и во седиштето на Здружената команда за операции (Shape – Mons) и во седиштето на Здружената команда на НАТО за трансформации во Норфолк, Вирџинија.

Знамето пред седиштето на НАТО беше кренато додека се интонираше химната на Република Северна Македонија. 

Пред свеченото кревање на знамето добредојде на нашата земја во Северноатлантската алијанса посака генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакнувајќи оти ова е историски момент за нашата земја.  

Тој потенцира дека во времиња како ова, пријателите и сојузниците се поважни од кога било, а Северна Македонија ги има најдобрите пријатели и сојузници во светот. Посилни сме заедно. Добредојдовте во НАТО!, порача Столтенберг.

Генералниот секретар на НАТО, веднаш по церемонијата напиша на Твитер: „Историски момент. 30 знамиња се кренати пред седиштето на НАТО, посакувајќи и добредојде на Северна Македонија како наша најнова членка“. 

Историски ден за НАТО, и за сите граѓани на Северна Македонија. Тука сме стоиме цврсто и стабилно пред централното седиште на НАТО, конечно заедно сите сојуззници. Нашето знаме се виори заедно со другите 29 знамиња на НАТО сојузницте, изјави денеска в.д. шефот на Постојаната мисија на Република Северна Македонија при НАТО, Зоран Тодоров на свечената церемонија во седиштето на НАТО во Брисел.

Тој порача дека Северна Македонија е подготвена да ги преземе сите обврски од членството во НАТО. 

Свечената церемонија на подигањето на македонското знаме пред седиштето на НАТО во Брисел, преку видео врска во Скопје ја следеше и претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, по што имаше и кусо обраќање.

0 Коментари

Остави коментари