Македонското знаме од денеска се вее пред седиштето на НАТО во Брисел
Foto

Македонското знаме од денеска се вее пред седиштето на НАТО во Брисел

Со интонирање на македонската химна пред седиштето на НАТО во Брисел беше подигнато македонското знаме.

На церемонијата со која се означи официјалното пристапувањето на земјава во Северноатлантската алијанса како 30 сетта членка, добредојде во НАТО на земјава и посака генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг.

„Денес сме овде за да и посакаме добредојде на Северна Македонија како 30 членка на НАТО. Ова е историски момент за Северна Македонија. Доаѓа по годиним посветеност. Пристапувањето кон НАТО го овозможи договорот од Преспа, вашата напорна работа го овозможи овој ден“. - Јенс Столтенберг – генерален секретар на НАТО.

Историски ден за НАТО и за сите граѓани на Северна Македонија. Стоиме цврсто и стабилно пред централното седиште на НАТО, конечно заедно сите сојузници. Нашето знаме се виори заедно со другите 29 знамиња на НАТО сојузниците, изјави в.д. шефот на Постојаната мисија на земјава при НАТО, Зоран Тодоров.

„Со членството во НАТО нашата иднина ќе биде стабилна, безбедна и просперитена. И ние ќе носиме одлуки за најважните прашања во рамките на најсилната, најдобро организираната и најефикасната алијанса во историјата на човештовото. Од сега натаму не сме сами“. - Зоран Тодоров – в.д. Шеф на постојаната мисија на НАТО

Подигнувањето на знамето го следеше и македонската Влада по што обраќање имаше техничкиот премиер Оливер Спасовски.

„Знамето на Република Северна Македонија се развиори пред седиштето на НАТО. Во последните три години донесовме големи одлуки со кои станавме подобра држава и подобро општество. Еве ја и наградата. Држава која ќе остане искрен и добар сосед, сојузник на кој секогаш ќе можат да сметаат. Наша должност е да им оддадеме признание на сите кои ни помогнаа. Од денеска ние сме НАТО“. - Оливер Спасовски – технички премиер.

Во исто време, македонското знаме беше кренато и во седиштето на НАТО командата во Норфолк, САД. Формалната постапка за членството во НАТО официјално се затвори на 27 март по депонирањето на инструментот за пристапување кон Северноатлантскиот договор во Стејт Департментот на САД во Вашингтон, откако претходно сојузниците во НАТО го потпишаа Протоколот за пристапување во Северна Македонија во февруари 2019 година, по што сите 29 национални парламенти гласаа за ратификување на членството на земјава во Алијансата.

0 Коментари

Остави коментари