Македонските банки само за девет месеци од годинава заработиле 124 милиони евра
Foto

Македонските банки само за девет месеци од годинава заработиле 124 милиони евра

Македонските банки само за девете месеци од годинава заработиле 124 милиони евра или за 20 милиони евра повеќе од добивката која ја прикажале лани за цела година. Податоците на Народната банка покажуваат дека ова е историски рекорд во добивката на банките од постоењето на банкарскиот систем во земјава. Ако се подели оваа сума со бројот на денови за тие девет месеци, излегува дека на домашните банки дневно им легнувале во просек по 460.000 евра профит.

„Постои тренд на сериозно намалување на пасовните камати, каматите на депозитите и тие станаа многу евтини и вие ако набавувате евтина скопа и ја продавате скапо, работењето на може да биде лошо.“ - вели Павле Гацов, даночен експерт

Дури 119 милиони евра се заработувачка на петорката големи банки, од кои најголем дел се на големата тројка. Според податоците пак кои ги објавија банките за девет месеци, Стопанска банка заработила 42 милиони евра, НЛБ Банка 30, а Комерцијална 28 милиони евра. Податоците на Народната банка покажуваат дека заклучно со септември, банките наплатиле 237 милиони евра само од камати, од кои 117 милиони евра се камати за кредити на домаќинствата, како и 80 милиони евра од провизии. Експертите велат дека мора да се најде начин како банките повеќе да придонесуваат за општеството.

„Македонските бакнки рушат рекорди, имале поврат на капиталот од 35% или за три години ќе го вратат целиот капитал што го имаат.“ - вели Гацов, даночен експерт.

За Народната банка повисоката добивка на банките се должи пред се на наплатата на нефункционалните кредити.

„Главен носител на подобрената профитабилност се пониските трошоци за исправка на вредноста што ги одразува активностите на банките за наплата на нефункционалните кредити, пред се во првиот и вториот квартал од 2018 година. Покрај тоа, во првиот квартал од годината, една банка оствари капитална добивка од продажба на капитален влог што исто така даде значаен придонес во растот на добивката. Доколку се исклучи ефектот од овие настани, растот на добивката би бил двојно помал“- велат од НБМ

Дека стопанството и граѓаните кубурат со пари покажува и се поголемото задолжување. Така вкупните кредити достигнаа 5,2 милијарди евра, од кои половината се долг на граѓаните. Бројките покажуваат дека секое домаќинство во просек должи по над 4.000 евра во банка.

0 Коментари

Остави коментари