Македонски државјани може да патуваат во Бугарија со негативен пцр тест
Foto

Македонски државјани може да патуваат во Бугарија со негативен пцр тест

Бугарската влада донесе одлука македонските државјани од денеска да влегуваат во земјата, но со негативен ПЦР тест, не постар од 72 час. Самостојниот инспектор на Граничниот премин Деве Баир Блажо Стојановски за Телевизија 24 вели дека сите патници кои денеска тргнале кон соседна Бугарија до граничните службеници прикажале ПЦР тест.

Со негативен тест за ковид-19 овозможен е влез и за граѓаните на Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Молдавија, Израел и Кувајт. Украинските граѓани пак ќе може да патуваат во Бугарија за два дена, односно од 30 јули. 

Ваквата одлука на бугарската влада е на барање на туристичкиот сектор во земјата, кој сосема слично како и во останатите земји е најпогоден од пандемијата на корона вирусот.

- На барање на туристичкиот сектор, на територијата на нашата земја ќе бидат дозволени туристи од Молдавија, Србија, Кувајт, Израел, Северна Македонија, Албанија, Косово и Украина. Ова ќе биде многу сериозна помош за нашите хотелиери, на кои во моментов им се потребни странци и да го пополнат својот капацитет, рече лидерот на НФСБ, Валери Симеонов на брифингот во Советот на министри.

Бугарија пред речиси две недели воведе привремена забрана за влез на нејзината територија за сите лица од Македонија,  како резултат на лошата епидемиолошка ситуација со Ковид-19 во земјава.

Слична забрана воведе и Грција до 31 јули, која привременото ги ограничи сите авионски, железнички и копнени поврзувања со земјава, како и забрана за влез на грчка територија на лица преку македонските гранични премини.

Од соседните држави, македонските државјани без ограничувања може да патуваат само во Србија и Албанија и Турција. За влез во Косово пак е потребно да се приложи негативен тест кој не смее да биде постар од 72 часа. Ова не важи само доколку македонски државјани слетаат на аеродромот „Адем Јашари“ во Приштина, и потпишат изјава дека во рок од три часа ќе го напуштат Косово.

0 Коментари

Остави коментари