Македонија топ тема во балканските и светските медиуми
Foto

Македонија топ тема во балканските и светските медиуми

Одлуката на македонскиот парламент да ги изгласа уставните измени со кои во иднина државата ќе се нарекува република северна македонија, се најде во речиси сите светски медиуми. Грчката државна агенција АНА-МПА во текстот под наслов „И се случи Северна Македонија“, го пренесува резултатот од гласањето заедно со реакциите и честитките на грчките власти до македонскиот премиер. Насловната страна на Катимерини ја одбележа „Собранието на ПЈРМ го ратификуваше договорот од Преспа додека пак во весникот Та Неа пишува: „Помина Договорот од Преспа – Заев собра 81 пратеник“.

Од денеска Република Северна Македонија е насловот на прилогот кој беше емитуван на Српската Национална телевизија додека пак весникот Политика пишува дека со ова решение, државата конечно го затвора 27-годишниот спор со Грција. Бугарската Национална Телевизија објави дека вчерашниот ден бил историски за Македонија и дека државата кажала да за промена на нејзиното име. Бугарските медиуми ја пренесоа и реакцијата на Македонаските граѓани кои се собраа пред собранието.

„Речиси 90% од граѓаните кои гласаа на референдумот за уставни промени, рекоа "да" на новото име. Но, пред зградата на парламентот, десетици демонстранти извикуваа "предавници".

Босанскиот Дневни Аваз, коментирајќи ја одлуката на македонските власти, наведува дека собранието го усвои амандманот со кој се менува името на државата но и дека за ваквата одлука, поддршка не дала опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Покрај Балканските, веста ја пренесоа и светските медиуми. Њу Јорк Тајмс пишува дека со оваа одлука на македонското собрание конечно се става крај на неколку деценискиот спор кој државата ја остави надвор од можноста за членство во НАТО и Европската Унија и дека сега на потег е Грчкиот парламент.

„Ова беше претпоследниот чекор во долгото и мачно патување за жителите на македонија и Владата на премиерот Зоран Заев, за конечно формално да се стави крај на спорот со Грција околу ова прашање.“ - се наведува во весникот.

Британскиот Национален сервис во текстот посветен за случувањата во Македонија пишува дека премиерот Зоран Заев по долги преговори успеал да го собере потребното мнозинство за носење на ваквата одлука.

0 Коментари

Остави коментари