Македонија се уште останува со затворени граници, Србија од денеска отворена за влез и излез
Foto

Македонија се уште останува со затворени граници, Србија од денеска отворена за влез и излез

Се уште не е време земјата да ги отвори границите смета министерот за здравство Венко Филипче, додека соседна Србија од денеска веќе со отворени граници. Објаснувањето на домашните власти кај нас е дека треба да помине период на имплементација на нашите мерки за олабавување иако пак  во однос на изборите, сметаат дека тие би биле безбедни по здравјето ако се почитуваат мерките. 

Српската влада пак по препорака на Кризниот штаб откако вчера донесе одлука дека епидемиолошката состојба е стабилна денеска го отвори и аеродромот „Никола Тесла“.  За патниците не е неопходен корона тест но сите добиваат здравствени совети и предупредувања. 

Грција пак ја изготвува туристичката листа која ќе биде готова до крајот на мај. Грчкиот министер за туризам Теохарис во изјава за грчките медиуми посочи дека туристичкиот план за оваа година има две фази  и дека првите туристи ќе бидат од земјите од соседството.

„Во првата фаза, очекуваме од Националната организација за јавно здравје да ни достави листа со земји за кои смета дека епидемиолошките податоци се такви што дозволуваат туристите со соодветната безбедност да пристигнат во Грција. Органите кои издаваат такви упатства, како што е Европскиот центар за превенција и спречување на болести, ни велат дека е мала вредноста да се прават овие тестови. Нам не ни претставува никаков проблем да се прават тестови, доколку тоа би го олеснило протокот на туристи. Но, ни велат дека реално, има мала вредност во тоа.“ - изјави Теохарис.

Бугарија пак ја укина забраната за влез и карантин за одредени категории на граѓани односно за  државјани на Бугарија и земјите од ЕУ, вклучително и луѓе кои патуваат во хуманитарни цели и претставници на трговски, економски и инвестициски компании. 

И соседна Албанија ќе ги отвори границите кон крајот на овој месец. Албанскиот премиер Еди Рама за медиумите во Албанија  посочи дека земјава се спрема за да ја отвори туристичката сезона. Минатиот понеделник во Албанија почна втората фаза од попуштањето на рестриктивните мерки, што подразбира отворање на баровите, рестораните, кафичите, музеите и библиотеките.

0 Коментари

Остави коментари