Македонија и Грција чекор поблиску до изградба на интерконектор за природен гас
Foto

Македонија и Грција чекор поблиску до изградба на интерконектор за природен гас

Националните компании за пренос на гас од Македонија и Грција, НЕР и ДЕСФА вчера во Солун потпишаа Договор за соработка за развој и изградба на интерконекторот за природен гас, што е уште еден чекор поблиску до изградбата, но и нешто што според вицепремиерот Фатмир Битиќи „ќе ни даде можност да се позиционираме како регионален центар за снабдување со гас на земјите во регионот на Југоисточна Европа“.

Во организација на Американско-грчката стопанска комора и Грчката асоцијација за енергетска економија, вчера во Солун се одржа Петтиот енергетскиот форум за Југоисточна Европа, на кој онлајн учествуваше и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Битиќи.

На маргините на Форумот договорот Договор за соработка за развој и изградба на интерконекторот за природен гас го потпишаа извршниот директор на Националните енергетски ресурси (НЕР), Бајрам Реџепи и главната извршна директорка на Грчкиот национален оператор за пренос на гас (ДЕСФА) Марија Рита Гали.

Договор меѓу НЕР и ДЕСФА доаѓа по потпишаниот Договор на политичко ниво на 9 јули во Атина меѓу министерот за економија Крешник Бектеши и грчкиот министер за животна средина и енергија Костас Скрекас.

Од грчката компанија соопштија дека Договорот ги воспоставува принципите на соработка, според кои ДЕСФА и НЕР имаат намера да ги координираат главните фази, нивните обврски и придружните точки на развојот на интерконекторот, но го вклучува и почетокот на обврзувачкиот Market Test, „согласно условите што ќе бидат одобрени од Регулаторната комисии за енергетика и по позитивната Конечната одлука за инвестиции од двете страни, што се очекува во првата половина на 2022 година, што ќе го олесни навременото и ефикасно завршување на изградба на проектот, согласно договорениот временски период“.

Битиќи на панел дискусијата, осврнувајќи се на договорот истакна дека „овој договор ги дефинирани условите за соработка и временската рамка за изградбата“.

– Тоа е еден од нашите клучни проекти. Изградбата на овој интерконектор ќе отвори можности за двете земји, но не само за нив. Ќе ни даде можност да се позиционираме како регионален центар за снабдување со гас на земјите во регионот на Југоисточна Европа и очигледно, за нашата национална економија ќе значи диверзифицирани eизвори на енергија и поттикнување на конкурентноста, рече Битиќи и додаде дека се планираат интерконектори и со другите соседни земји, како што се Косово, Србија и Албанија.

0 Коментари

Остави коментари