Луѓето кои добија повеќе пари од скенирани сметки ќе мора да ги вратат на државата
Foto

Луѓето кои добија повеќе пари од скенирани сметки ќе мора да ги вратат на државата

Техничка грешка на УЈП пријатно изненади дел од граѓаните. На сметките во банка два пати им биле префрлени пари од скенираните фискални сметки. Двојната исплата се однесува за сметки од последното тримесечје во 2020 година. 

Некои од нив веднаш пријавиле во УЈП за грешката, но сѐ уште не знаат дали ќе треба да ги вратат парите или тие ќе им бидат одбиени во следната исплата по три месеци. Други, пак, молчат за двојната „среќа“ со која ги изненади државата. Никој од нив е сакаше да застане пред нашата камера.

„Два пати добив по 1 800 денари за едно тримесечје во рок од неколку дена. Пријавив во УЈП и ми рекоа дека ќе биде направена проверка и корекција. Но сѐ уште нема ништо“, вели еден граѓанин за нашата ТВ.

УЈП потврди дека имало двојна исплата по грешка и дека се истражува во ИТ секторот. Проблемот настанал при спроведување на налозите од страна на Управата и Министерството за финансии.  Парите, велат даночниците, ќе мора да ѝ се вратат на државата. Нема податоци за која сума станува збор, ниту кај колку граѓани е направена ваква грешка.

„На граѓаните на кои им е извршена двојна уплата ќе им биде доставено известување на маил на која сметка може да го извршат враќањето на повеќе, погрешно уплатените средства. Доколку истите не постапат по известувањето во определен рок, Управата за јавни приходи ќе изврши службено задолжување за повеќе вратениот износ“. - велат од УЈП.

За месеците октомври, ноември и декември во текот на февруари годинава за скенирани сметки на граѓаните им биле вратени над 6 милиони евра. Биле скенирани 67 милиони фискални сметки, а вкупниот промет бил 33 милијарди денари. Максималниот износ за три месеци што може еден граѓанин да добие е 1 800 денари.

0 Коментари

Остави коментари