Лозарите незадоволни од средбата со министерот
Foto

Лозарите незадоволни од средбата со министерот

Нема договор како тиквешките лозари да си ги добијат парите од предаденото грозје од винаријата Стефани. По неколкучасовни разговори со министерот за земјоделие, доцна попладнево лозарите добија само ветување дека со законски измени, државата ќе се обиде да ги спречи винариите да не им го плаќаат грозјето.. Министерот Љупчо Николовски позитивно гледа на решавањето на прашањето со исплата на лозарите. Вети дека ќе се разгледаат сите законски механизми и пари за лозарите мора да се најдат.

„За мене е неприфатливо да се предаде грозје кое што нема да се плати истото да се стави во залог, а имаме такви случаи да грозјето кое е откупено е продадено а лозарите не добиле пари“ - изјави Љупчо Николовски – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство

Лозарите без многу оптимизам го напуштија состанокот со министерот. Го повторија својот став дека трпението им е при крај и ако набргу не си ги земат парите, ќе излезат на улица.

„Само ветувања, а резултати никакви. Се надеваме дека владата ќе застане позади нас и ќе ни помогне. “ - вели Зоран Пешков – лозар од Кавадарци.

„Ние лозарите си ги бараме парите. До 10 февруари си ги бараме парите како да се подмират лозарите.“ - вели Трајче Кулев – претседател на здружение „Напредедни лозари“ - Кавадарци.

Винаријата Стефани од Кавадарци должи околу 700 илјади евра на тиквешките лозари за предадено грозје уште од 2015 година. Лозарите се плашат дека ќе останат со кратки ракави, откако оваа винарија падна во стечај. Најавија предупредувачки протест во недела во кавадарци, на кој повторно ќе го искажат својот став, да си ги добијат парите и да се озакони решение, со кое винариите ќе бидат спречени да ги мамат. Ако нема реакција до 10 февруари, тие најавија големи блокади на патиштата.

 

0 Коментари

Остави коментари