Леклер: Ги прашав од тимот дали повторно да излезам - не знаеја да ми кажат!
Foto

Леклер: Ги прашав од тимот дали повторно да излезам - не знаеја да ми кажат!

Шарл Леклер беше една од најголемите жртви на денешните квалификации во Монте Карло, за утрешната трка.

Младиот возач на Ферари, доживеа дебакл отпаѓајќи уште во првата квалификациска сесија, не по своја вина. Времето кое го имаше поставено рано во сесијата, на крај се покажа дека е доволно за 16. место, а никој од тимот не процени на време дека Леклер треба повторно да излезе и да постави подобро време, за да има сигурен пласман во Ку-2.

„Ги прашав луѓето од екипата дали се сигурни дека ќе поминам во втората сесија, а одговорот беше „мислиме дека да“. Прашав дали ќе излезам да возам уште еден круг, но не добив конкретен одговор. Ќе барам детално објаснување на ситуацијата на состанок. Ова е горка пилула за да се проголта, очекував многу повеќе. Јас мислев дека имаме повеќе време, а и имав гориво во болидот, требаше само да ги смениме гумите и да излезам“, изјави Леклер.

Го освои 16. место, но може да напредува некоја позиција, ако се знае дека Џовинаци и Гасли се под истрага и може да добијат казни. Сепак, и да напредува, повторно ќе биде далеку зад позициите кои овозможуваат борба за подиумот. Шансите му се уште помали ако се има предвид тесната патека во Монте Карло и малата можност за престигнување.

„Се надевам дека ќе врне утре, тоа е единствениот начин да го спасиме викендот. Ако биде суво, трката ќе биде здодевна и ќе мора да ризикувам за да се пробијам напред, можеби и на раб на судир. Во секој случај, само со екстремни потези ќе може нешто да се постигне во трката“.

Трката во Монако почнува утре во 15.10 часот, а директниот пренос на телевизија 24, 15-тина минути порано.

 

 

0 Коментари

Остави коментари