Лејкерс без Леброн подобри од Денвер
Foto

Лејкерс без Леброн подобри од Денвер

Актуелниот НБА шампион ЛА Лејкерс ја прекина низата од три порази совладувајќи го Денвер со 93:89. Во отсуство на Леброн Џејмс кој повторно се повреди на претходната средба против Торонто, клучевите во свои раце ги презеде Ентони Дејвис. 

Тој забележа 25 поени и 7 скока, а го блокираше и шутот на Факундо Кампацо за тројка во последните секунди. Во редовите на Денвер кој не успеа да врзе и шеста победа, по обичај отскокнуваше Никола Јокиќ со 32 коша и 9 освоени топки под кошевите. И покрај поразот, Нагетс и теоретски го обезбедија учеството во плеј-офот откако Атланта го совлада Портланд со 123:114. Најзаслужни за триумфот на Хокс беа европските "снајперисти" Данило Галинари и Богдан Богдановиќ кои погодија по седум тројки и вкупно 28, односно 25 коша. Гостите ги предводеше Демијан Лилард со 33 поени.

Во директната пресметка за место во баражот за плеј-оф, Вашингтон славеше над Индијана со 154:141. Бекот на Визардс, Расел Вестбрук ги помести границите и стана првиот играч во историјата на најсилната кошаркарска лига кој двапати во кариерата имал најмалку по 20 или повеќе скокови и асистенции. За 39 минути на паркетот, тој забележа 14 поени, 21 скок и 24 асистенции. 

Најефикасен во победничката екипа беше Јапонецот Рио Хачимура со 27 коша, а воопшто на средбата гостинскиот играч Карис Леверт со 33 поени.

Во останатите ноќешни средби: Детроит-Орландо 112:119, Њу Орлеанс-Голден Стејт 108:123, Чикаго-Филаделфија 94:106, Мемфис-Њујорк 104:118 и Јута-Сан Антонио 110:99.

0 Коментари

Остави коментари