Легализација на дивоградби: До граѓаните се праќа порака да продолжат да ги кршат законите

Дивоградба изградена на парцела која не била предвидена со планските документи, детални и генерални урбанистички планови, ќе може да се легализира со новиот Закон за кој гласаа 72 пратеници во скратена постапка, со што според пратеничката Маја Морачанин која гласаше против ваквото законско решение се минимизира значењето на планското градење..

Дополнително според Морачанин наместо кривично да се гонат сите кои што бесправно граделе сега ќе може да продолжат со истата постапка, а со што се праќа и порака до граѓаните дека во државата наместо да владее правото – преовладува дискриминаторскиот пристап кон тие кои што граделе согласно законите.

„Јас сметам дека со вакво продолжување на легализација на бесправно изградени објекти точно е тоа што велите се праќа една порака до граѓаните дека па и да изградам нешто на диво, во некое догледно време ќе се смени законот ќе се овозможи некако јас тој објект да го легализирам. А сосема е спротивно, значи ние треба да ги санкционираме тие што градат на диво, да сЕ казнат, да се отстранат дивоградбите. Значи градежниот инспекторат за тоа служи, имаме на локално ниво имаме државен градежен инспекторат.“ - вели, пратеничката Маја Морачанин.

Молк на голем дел од планерите, урбанистите и архитектите по однос на ова прашање со објаснување дека не го прочитале законот. 

Со овој закон ако е изградена дивоградба и во национални паркови, шуми ќе може да се легализира со мислење од министерството за животна средина, институција која планира Шар Планина да ја заштити како национален парк каде веќе невладините организации констатирале 90 дивоградби. Од друга срана со овој закон ИВЗ и МПЦ кои се јавуваат и како инвеститори во некои случаи ќе може да си легализираат, а за тоа да не платат ниту денар. Ослободени од плаќање за легализирање  се и социјално ранливите граѓани но пратеничката Маја Морачанин смета дека процесот треба да е обратен.

Со оваа масовна легализација , согласно законот,ќе може легално да стане се што било дивоградба. Според последниот извештај на Државниот завод за статистика во 2019 година регистрирани се вкупно 866 бесправно изградени објекти.

Новиот закон за легализација на дивоградби е надограден . Останува отворено прашањето дали со ваквата постапка на легализација на дивоградбите се доаѓа до делегализација на легално изградените објекти.