Кумановски Центар за социјални работи: потребна суштинска реинтеграција на порашените осуденици
Foto

Кумановски Центар за социјални работи: потребна суштинска реинтеграција на порашените осуденици

Дваесет и четири лица, поранешни осуденици биле евидентирани како корисници на различни права, социјални трансфери,  социјална парична помош во кумановскиот Центар за социјални работи, мината година, информираа од установата. Во однос на претходните години оваа бројка  е значително помала, доколку се споредат податоците на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, па така во 2017 различни социјални трансфери користеле 34 лица, поранешни затвореници,  во 2016  дури 75 лица, а во 2015  година 60 поранешни осуденици користеле социјална помош.

-Јавната установа Меѓуопштински центар за социјална работа Куманово како институција работи на остварување на правата и услугите на сите граѓани што по кој било основ се нашле во положба од социјален ризик. Вработените во центарот преку директните контакти го проучуваат ефектот на затворската казна, кај овие лица, при што основна цел е превоспитувањето, ресоцијализацијата и реинтеграцијата во социјалната средина, појаснува директорката на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, Александра Арсовска.

 

Таа додава дека Центарот е во постојана  позитивна комуникација со казнено-поправните установи ( затворите ) и  редовно добива писмено известување за возрасните лица на кои им е определено издржување казна затвор, за времетраењето на казната како и  известување за денот на напуштање на установата. По добиеното известување центарот врши проверка дали лицето е носител на одредено право или пак е член од семејство кое користи право од социјална заштита како резултат на што се менува носителот на правото, а на лицето кое е на издржување казна затвор правото му мирува.

-По напуштање на затворот Центарот веднаш презема активности врз основа на барање на лицето и му исплаќа еднократна парична помош и повторно го враќа лицето во системот доколку се исполнети сите останати предуслови за користење на одредено право. Центарот има евиденција само на лицата кои се корисници на одредено право или бараат да користат социјална заштита, но не и за сите лица кои излегуваат од казнено-поправните установи, вели Арсовска.

Ценатрот за социјални работи Куманово самоиницијативно во соработка со Агенцијата за вработување имаше обиди за вработување на овие лица.

 

– Морам да истакнам дека се  уште постојат предрасуди и стереотипи во однос на вработување на лицата кои излегуваат од казнено-поправните установи посебно кога станува збор за приватниот сектор кој има сопствен менаџмент на човечки ресурси кој одлучува за вработувањето, вели Арсовска.

Новиот закон за социјална заштита инкорпорира нов пристап и начин на работа, така што се утврдени чекори и институции кои треба да работат со корисниците и стручното лице од Центарот за социјални работи, заедно со стручно лице од Агенцијата за вработување и со корисникот и треба заеднички  да направат индивидуален план со активности за негова реинтеграција со изнаоѓање можности за негово вработување

-Доколку станува збор за нарушена здравствена состојба лицето се упатува на комисија за утврдување на работната способност и продолжува со користење на право од социјална заштита. Центарот, исто така води грижа за комуникацијата на лицата кои издржуваат казна затвор со членовите на нивните семејства и во случаи кога немало насилно однесување кон членовите на семејството комуникацијата се одвива непречено, појансува Арсовска.

Од Центарот посочија и позитивен пример кога  единствен родител на малолетни деца, кој по издржувањето на казната затвор ја презел обврската за грижа на малолетните деца. Социјалните работници претходно направиле проценка за потребата од комуникацијата на децата со родителот.

 

-Во скоро време имавме случај кога родителот по излегувањето од затворот комплетно ја презема грижата за своите малолетни деца, нормално најпрвин со вршење надзор над родителското право од страна на Центарот, заради обезбедување на сите предуслови и јакнењето на капацитетите на родителот за вршење на родителската функција. Благодарение на редовната позитивна комуникација на децата со родителот сега истите функционираат како семејство, вели Арсовска.

Сепак, надлежните посочуваат дека покрај поддршката која овие лица и нивните семејства ја добиваат од Центарот потребно е развивање на нови сервиси и услуги во заедницата со вклучување на сите чинители, бидејќи реално овие лица имаат потреба од правна помош, од психо-терапевтски третман, од групна за поддршка, посебна програма за вработување.

0 Коментари

Остави коментари