Kуќен притвор за уште една дадилка која тепала близначиња
Foto

Kуќен притвор за уште една дадилка која тепала близначиња

Уловена на безбедносни камери сокриени во домот, како психо-физички малтретира тригодишни деца. Уште една дадилка од Скопје е осомничена за Запуштање и малтретирање деца, а ја открила и пријавила мајката која ја ангажирала.

Обвинителството бараше 55 годишната жена да биде притворена во Шутка поради опасност од бегство, влијание кај сведоци и ризик од повторување на делото, а Кривичниот суд и определи куќен притвор од 30 дена.

„Ценејќи ги фактите и доказите судија на претходна постапка определи куќен притвор од 30 дена, на која странките имаат право на жалба.“ - велат за тв24 од Кривичниот суд.

Според обвинителството, дадилката е снимена во текот на месецов, како вербално ги напаѓа, навредува, но и физички ги удира и куби за коса двете близначиња. Ова е втор ваков случај во период од две недели. Претходно, јавноста ја згрози снимката од дадилката во игротека во кафулето Дежа Ву, која физички малтретираше двегодишно дете, а која веќе е во притвор.

Министерката за труд и социјала Мила Царовска денеска не сакаше да ги коментира случаите и да одговори дали дадилките имале соодветни лиценци, бидејќи вели не сака да се меша во работата на органите на прогонот.

„Двата случаи се под истрага и не би сакала да давам изјава во јавноста во процес на истрага. Кога ќе се заврши истрагата во тој момент сите информации коишто е потребно ќе бидат јавно достапни“ - вели министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

За добивање на лиценци надлежно е Министерството за труд и социјала, а се добиваат со полагање по електронски пат. Царовска потенцира дека после тоа, контрола на работата на дадилките е во раце на работодавачите.

Дали ќе се иницираат промени за построга контрола за тој кој се може да чува деца, надлежните не прецизираа. Во меѓувреме, се чини најефикасен чувар се безбедносните камери кои родителите се почесто ги поставуваат во своите домови. На ист начин беше уловена и дадилката која пред неколку години доби нешто повеќе од една година затвор.

0 Коментари

Остави коментари