Ковид 19 коси во Македонија, болничките капацитети преполни, не изостанаа и политичките пресметки
Foto

Ковид 19 коси во Македонија, болничките капацитети преполни, не изостанаа и политичките пресметки

Министерството за здравство не може да влијае на цената за корона-тестовите на приватно. Министерот Филипче вели дека цените си ги одредуваат самите приватни болници и дека министерството не може да интервенира во овој дел. 

А есенскиот бран на новозаразени ги оптерети државните лаборатории за тестирање и се поголем број на граѓани се жалат дека тешко доаѓаат и чекаат предолго за тест на државно. Министерот убедува дека од понеделник ќе се пуштат повеќе термини и дека ќе се реши овој проблем. 

„Ќе обезбедиме дополнителен број на термини преку системот Мој термин, тоа е нешто што сега се работи за време на викендов и се обидуваме да на што побрз начин стигнеме до брзите тестови. Еден дел од постапката е веќе завршен сега следува втората фаза така што верувам дека тоа значајно ќе го олесни пристапот до тестовите.“ - изјави Филипче. 

Епидемиолозите пак апелираат граѓаните да се самоизолираат додека ги чекаат резултатите од тестовите. Првиот човек на Центарот за јавно здравје во Скопје, д-р Стојанов во интревју за Македонскаа Информативна Агенција, вели дека државните лаборатории немаат неограничени капацитети, а бројот на граѓани со симпотми на вирусот се зголемува. Поради тоа вели дека се доцни издавањето на резултатите. 

„Медицинскиот кадар кој работи во лабораториите и останатите во здравствениот сектор никогаш не се доволни, и здравствените работници се разболуваат, имаат разни здравствени проблеми, жените забременуваат, апаратите се расипуваат, се сервисираат и сето ова ја усложнува работата и издавањето на резултатите. Затоа се апелите да се почитуваат мерките да не се оптерети премногу здравствениот систем за да може да одговори на сите барања.“ - вели д-р Александар Стојанов директор на ЦЈЗ Скопје за МИА.

Македонија изминатиов период бележи драстичен пораст на бројот на новозаразени. Само во последнава недела регистрирани се над 1 000 позитивни случаи на коронавирусот. Ако и новите рестриктивни мерки не дадат резултати, тогаш здравствените власти ќе предложат и полициски час.

0 Коментари

Остави коментари