Ковид 19: Бројот на заболени се намалува, тренд на пораст на смртни случаи
Foto

Ковид 19: Бројот на заболени се намалува, тренд на пораст на смртни случаи

Како главен индикатор за прерана смртност од коронавирусот генерално е фактот што дел од починатите доцна се јавиле кај својот матичен доктор, велат од Министерството за здравство за ТВ  24, откако вчера дури  9 пациенти, меѓу кои и млади на 23 и 29 годишна возраст починаа како резултат на коронавирусот. 

Здравствените власти тврдат дека кај 23 годишната пациентка смртта настапила нагло, а таа претходно била оперирана од тумор и имала и други заболувања

„Од 9 починати во текот на вчерашниот ден, 8 имаат коморбидитети најчесто дијабет и кардиоваскуларни заболувања. Како главен индикатор за прерана смртност општо е фактот што дел од починатите доцна се јавиле кај својот матичен доктор.“ - велат од Министерство за здравство.

29 годишната пациентка пак која починала во приватната клиника Жан Митрев била донесена како итен случај од Клиниката за инфективни болести, велат од приватната клиника за ТВ 24. Пациентката ја примиле во многу тешка состојба а имала и други тешки заболувања. 

„Првите симптоми кај неа датирале од пред 10 дена и се манифестирале со појава на замор, малаксаност и кашлица. Најпрво била хоспитализирана на инфективна клиника во Струмица, во траење од еден ден. Од таму поради влошување на општата состојба, таа била префрлена на Клиниката за Инфективни болести во Скопје, од каде потоа беше донесена во нашата болница.“ - велат од Жан Митрев Клиник.

Дека пациентите доцна бараат лекарска помош потврдуваат и дел од директорите на болниците за ТВ 24. Директорот на струмичката болница д-р Наке Гогов вели дека има и такви примери во кои пациенти одбиваат да се тестираат или пак да се хоспитализираат. Дел од нив дури потпишувале и изјави дека не сакаат да се лекуваат во Ковид Центрите, вели д-р Гогов за ТВ24.  

„Пациентка на 14-ти септември дошла по терапија за ХОБС, но при влезот во болницата имала покачена температура. Лекарите ја пратиле на инфективно одделение за да се тестира за корона, но пациентката отпрвин одбивала да направи тест. Откако на крај и направиле снимка, се покажало дека има масовна ковид пнеувмонија. Се кријат симптомите, мислат дека „на нога“ ќе го поминат вирусот и кога ќе се влоши состојбата дури тогаш се јавуват на лекар.“ - вели  д-р Наќе Гогов – Директор на Општа болница Струмица.

Пораст на бројот на смртни случаи бележи и Институтот за Јавно Здравје.  во последниот извештај кој се однесува на периодот од 7 до 13 септември бројот на смртни случаи е зголемен за 35 проценти во однос на минатата недела. 

Дваесет и седум пациенти во овој период починале како резултат на вирусот, а поголемиот дел од нив освен корона имале и други заболувања. 

 

„Пријавени се 27 смртни случаи од 12 градови, зголемување од 35,0% во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 19 лица биле над 60 години, 6 на возраст од 50-59 и два од 40-49 години. Од починатите 25 лица биле хоспитализирани. Коморбидитети се регистрирани кај 23 починати лица.“

Според податоците на ИЈЗ од почетокот на епидемијата во Македонија до сега над 600 лица починаа од коронавирусот. Најголем дел биле на возраст над 60 години, кај околу 80,% биле регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларни, белодробни болести и дијабет, а најголем дел починале за време на хоспитализација. 

Бројот на новозаболени пак е намален за 10тина проценти во споредба со претходната недела. Од 7 до 13ти септември регистрирани сe вкупно 705 нови позитивни случаи, од кои најголем дел се од Скопје. Од вкупниот број на нови случаи, околу 31% имале контакт со потврден случај, а 32 лица биле со историја на патување во последни 14 дена.

0 Коментари

Остави коментари