Ковачевски - Азески: Комората ќе ја повлече иницијативата пред Уставен суд за недела неработен ден

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски со економскиот тим на средбата со претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, членовите на Управниот одбор и најистакнатите стопанственици во државата ја истакна важноста од континуираната соработка, партнерски однос со деловната заедница сè со цел постигнување повисоки стапки на економски раст и решавање на предизвиците од енергетската криза и пандемијата кои се одразуваат на финансискиот капацитет на економијата.

- Во духот на конструктивната соработка премиерот Ковачевски и претседателот на Стопанската комора Азески се согласија дека на 18 февруари Комората ќе ја повлече иницијативата пред Уставниот суд во врска со законското решение за недела неработен ден и дека во периодот што претстои ќе се најдат сеопфатни решенија за предизвиците околу спроведувањето на законот, соопшти владината прес-служба.

Премиерот Ковачевски на средбата со деловната заедница истакна дека фокусот на економијата е приоритет и се осврна на досегашната соработка и важноста од инклузивниот процес за донесување на антикризните мерки кои дадоа добри резултати, 60.000 работни места се заштитени во државата кои што инаку без тие мерки би биле загубени, исто така и ликвидноста на компаниите беше задржана.

- Целта на денешната посета практично е продолжување на соработката и затоа состанокот веднаш го правиме во првата недела од изгласувањето на новата Влада и сакам да ве уверам дека ваков тип на средби ќе продолжат без разлика дали тие ќе се случуваат тука или ќе се случуваат во кабинетот на Владата, ние остануваме поддржувач како Влада на приватниот сектор, тоа е курс кој го имаше оваа Влада уште од нејзиното формирање, рече Ковачевски во поздравно обраќање пред компаниите членки на комората.