Косово формира армија
Foto

Косово формира армија

Косовското Собрание ги усвои законите со кои досегашните Безбедносни сили прераснуваат во Војска на Косово. За трите закони гласаа сите пратеници Албанци, и од власта и од опозицијата, како и оние на немнозинските етнички заедници, освен претставниците на косовските Срби. Десетмината пратеници на Српската листа ја бојкотираа денешната седница. Според Владата на Косово, државата има право на сопствена армија, која ќе биде мултиетничка и изградена според стандардите на НАТО.

„Владата на Косово цени дека правото на Косово за војска, за една професионална сила изградена според стандардите на НАТО, извира од жртвите и слободата, од правото на државата, од суверенот, граѓанската волја за да се брани и да ги промовира прозападните вредности во Косово и пошироко. Косово е НАТО и НАТО е Косово.“ - се наведува во соопштението кое го испратија од кабинетот на премиерот Рамуш Харадинај.

Од таму велат и дека армијата ќе биде единствено во служба на демократијата и развојот на Косово. Директорот на Српската канцеларија за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ вели дека ваквата одлука на Косовските власти претставува агресија против Србија.

„Одлуката за формирање на таканаречената Армија на Косово, претставува Акт против мирот и политичка агресија против наѓшата земја. Оваа одлука има за цел да го заокружи започнатиот процес на насилно одвојување на дел од територијата на Република Србија и создавање на Албанска независна држава.“ - изјави Марко Ѓуриќ - Директорот на Српската канцеларија за Косово и Метохија.

Голем број на жители на Српска Митровица, во знак на протест денеска се собраа пред седиштето на УМНИК во северниот дел на поделениот град. Демонстрантите симболично ја погребаа Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, бидејќи, според нив, таа била поништена со денешната одлука на Собранието на Косово за трансформација на Безбедносните сили во Војска. Српската премерка Ана Брнабиќ смета дека ваквата одлука на косовските власти не придонесува кон стабилност во регионот, додавајќи притоа дека е подобро да се зборува за соработка, наместо земјите да подигаат бариери.

„Ова е тежок ден. Ден кој не придонесува за безбедност и соработка во регионот. Србија ќе остане да се движи напред . Искрено верувам дека без стабилен регион, ниту Србија не може да биде стабилна. Подобро е да разговараме како да ја подобриме нашата иднина отколку како да кренеме повисоки бариери.“ - изјави Ана Брнабиќ – премиер на Србија.

Во врска со фомирањето на косовската Војска се огласи и српскиот министер за одбрана Александар Вулин, кој изјави дека во моментов се согледува состојбата во Косово и дека Војската на Србија е подготвена да ја исполни која било наредба на врховниот комадант, претседателот Александар Вучиќ. Од Службата за надворешна политика на ЕУ, порачаа дека Европската унија, како и НАТО, не ја поддржува одлуката на Собранието на Косово. Од таму велат дека очекуваат Косово да продолжи да ги исполнува своите обврски од Бриселскиот договор со Белград, вклучително и сите обврски од сферата на безбедноста.

„Собранието на Косово денеска донесе одлука за Безбедносните сили на Косово. Како и НАТО, и ЕУ продолжува да смета дека мандатот на Безбедносните сили на Косово може да се промени само со поетапен и сеопфатен процес во согласност со Уставот на Косово“ - се наведува во соопштението кое го испратија од Брисел.

Ваквата Одлука на косовските власти ја поздрави Официјален Вашингтон и ја потврдија поддршката за трансформирањето кон сили со мандат за територијална одбрана. Портпаролот на Портпаролот на германското Министерство за надворешни работи пак вели дека Косово има право да формира редовни вооружени сили но тие не треба да се искористат за зајакнување на тензиите во регионот. Честитики пристигнаа и од албанскиот претседател Илир Мета кој на социјалната мрежа фејсбук и честита на косовската политика „што овозможи формирање на сопствена армија“.

0 Коментари

Остави коментари