Коронавирусот ги затвори текстилните и кожарските фирми во Штип
Foto

Коронавирусот ги затвори текстилните и кожарските фирми во Штип

Уредбата за затворање на текстилните и кожарските компании во Штип се почитува. Денес никој од нив не работи. Работници има само пред фабриките каде се земаат брисеви. Денес се тестираат над 200 лица, тие се дел од масовниот скрининг што треба да опфати над 800 работници од седум конфекции. Тие денес со автобуси беа донесени пред фабриката и со нив повторно беа вратени дома.

Уредбата се однесува само за конфекциите и чевларските компании, од каде веќе има поголем број позитивни на вирусот, останатите фирми што имаат дозволи за работа во полициски час функционираат нормално.

Вирусот во штипските конфекции влезе пред две недели. Текстилна работничка имала контакт со позитивен. Освен во текстилната фабрика каде работела корона вирусот се пренесе и преку автобусите со кои се возеле работници од неколку различни конфекции. Една од причините е и што при превозот не се почитувало растојание и не секогаш се носеле заштитни маски.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат не најде прекршувања при конттрола на автобусите во Штип, но неколку непочитувања на уредбата констатирале од  Државниот инспекторат за транспорт и тоа во автобусите кои ги носат работничките од други општини на работа во Штип. И инспекциските служби на општина Штип констатирале неправилности, најчесто во делот за непочитување на бројот на работници што смее да се преврзува.

0 Коментари

Остави коментари