Корона вирус во Италија, 11 града под карантин
Foto

Корона вирус во Италија, 11 града под карантин

11 града во италијанските области Ломбардија и Венето со околу 50 илјади жители се во карантин, откако за само 24 часа бројот на починати и заразени од коронавирусот интензивно се зголемува. Италијанските властите информираат за 5 смртни случаи и 219 заболени. Македонското министерство за надворешни работи врз основа на информациите добиени од Генералниот конзулат во Венеција соопшти дека до овој момент нема заболени наши граѓани од коронавирусот. Инаку, во трите критични региони, моментално живеат 23 илјади државјани на нашата земја.

„Министерството за надворешни работи преку Амбасадата во Рим и Генералниот конзулат во Венеција, редовно ја следи состојбата на македонските државјани кои се наоѓаат во овој регион и остварува комуникација со надлежните италијански органи во врска со мерките што се преземаат за спречување на ширењето на коронавирусот.“ - велат опд МНР.

Истовремено, МНР препорачува зголемени мерки на претпазливост при патување во регионите Ломбардија, Венето и Емилија-Ромања, каде што е регистрирана појава на смртоносниот коронавирус. На северот на Италија на сила се посебни здравствени мерки. Затворени се сите продавници, ресторани, одложени се карневалските фестивали, спортските турнири, модните ревии во Милано, не работат градинките, училиштата, универзитетите. Премиерот, Џузепе Конте, на вонредната прес-конференција во Рим ги презентираше мерките за справување со итни случаи.

„Нема да може да се напуштат градовите кои моментално се во карантин, ниту пак некој ќе може да влезе во нив. Ќе бидат обезбедувани од страна на полицијата и војската. Договорено е прекинување на работните активности, јавните и училишните настани. Откажани се и сите спортски активности во регионите Венето и Ломбардија. Сепак, нема услови за суспензија на Шенгенскиот договор, тоа би бил непропорционален избор.“ - изјави Џузепе Конте – премиерр на Италија.

Епидемијата во Италија е најголемата надвор од Азија, а весникот „Коријера дела Сера“ денеска објавува дека се очекува бројот на заразени со коронавирусот да расте од час во час. Сепак, властите уверуваат дека се целосно подготвени и со медицински капацитети и со простор за сместување на евентуално нови заразени пациенти. 

„Немаме никакви проблеми со хоспитализирање на заразените со коронавирусот. Во соработка со вооружените сили на Италија имаме на располагање 3412 кревети во повеќе од 1200 соби. Подготвени сме да ги користиме и хотелите, ако има потреба.“ - изјави Аџело Борели – директор на Агенцијата за цивилна заштита.

Драстичните мерки на италијанските власти за коронавирусот предизвикаа паника и кај голем дел од европското население. Министерството за образование и наука на Хрватска издаде препорака до сите училишта да ги откажат патувањата во Италија..Во меѓувреме, Унијата вети 230 милиони евра во борбата против епидемијата, но Европската комисија засега нема да воведе ограничувања на патувањата во шенген-зоната.

0 Коментари

Остави коментари