Конгресмени од САД од групите за пријателство со Македонија и Бугарија ќе раководат и со групата за соработка со ЕУ
Foto

Конгресмени од САД од групите за пријателство со Македонија и Бугарија ќе раководат и со групата за соработка со ЕУ

Засилена динамика од официјален Вашингтон  - пријателите на Македонија и Бугарија во Конгресот на САД ќе ја предводат групата за ЕУ. Конгресмените Брендан Бојл и Џо Вилсон се назначени да работат на унапредување на односите со ЕУ, покрај нивниот досегашен ангажман во македонската и бугарската конгресна група.

Двајцата конгресмени ќе копретседаваат со новата европска група , чија цел е да ги унапреди билатералните односи меѓу САД и земјите-членки на Европската Унија. 

Ќе дувне ли американски ветер во грбот на Унијата за придвижување на евроитеграциите за Западен Балкан и конечно добивање на датум за преговори за Македонија и Албанија ? 

- Македонија е стратешки партнер на САД и самиот факт што тие двајца конгресмени се избрани во комисија која нема да работи само со Македонија и со Бугарија туку и со сите земји членки на ЕУ, укажува на фактот дека тие ќе бидат повеќе ангажирани во надминување на овој спор и одблокирање на процесот на евроинтеграциите. Мислам дека тоа е битно, затоа што ние сите очекувавме дека со промената на американската администрација дека тоа ќе се случи. Ова е уште појасна намера од нивна страна да поактивно се вклучат во целиот процес и да помогнат да се изнајде решение кое ќе ги одблокира нашите евроинтеграции. - вели Алберт Муслиу аналитичар.

Конгресменот Бојл е копретседавач со групата за пријателство на Македонија и македонската заедница во Америка, додека пак конгресменот Вилсон, е на чело на групата за пријателство со Бугарија. Македонската група за пријателство брои 32 членови, конгресмени од Демократската и Републиканската партија. Во бугарската група за пријателство пак има околу 12 конгресмени.

Американскиот камбек или враќањето на САД во регионот, се покажа и за време на посетата на Македонија на заменик-помошникот државен секретар на САД за европски прашања Метју Палмер и помошник-државниот секретар за европски прашања во Стејт департментот на САД, Филип Рикер. Пораките до ЕУ беа дека мора да се исполнат ветувањата за старт на преговори со Македонија и Албанија.

Во Охрид имаше и мини дипломатски инцидент кога холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп жестоко реагираше на настапот на Американецот, Едвард Џозеф кој кажа дека ЕУ извршила предавство на сопствените вредности со непочнувањето преговори со Македонија. Тогаш аналитичарите прогнозираа дека во процесот на проширување изгледа се вклучува најважната членка на ЕУ: САД.

0 Коментари

Остави коментари