КОНЦЕСИОНЕРОТ НЕ ФОРМИРАЛ ФИРМА – ДЕПОНИЈАТА ДРИСЛА ОДИ ПОД КАПА НА ГРАД СКОПЈЕ
Foto

КОНЦЕСИОНЕРОТ НЕ ФОРМИРАЛ ФИРМА – ДЕПОНИЈАТА ДРИСЛА ОДИ ПОД КАПА НА ГРАД СКОПЈЕ

Депонијата Дрисла се враќа во сопственост на Град Скопје. Одлуката за договор и давање под концесија на германскиот „Шолц“, градскиот совет ја поништи, бидејќи избраниот партнер не формирал фирма во предвидениот законски рок. Сега, со Дрисла ќе стопанисува Градот, а како јавно претпријатие ќе добие нови одбори и раководство. Ако има потреба во иднина, ќе се бара нов концесионер вели Шилегов, а претходниот, кој се уште води судски спор со градот – италијанската фирма „Амбиенте“ не е опција.

„Тендерските закони се јасни - ако прворангиораниот понудувач не го склучи договорот, а ние немаме можност да склучиме договор, бидејќи немаме со кого, Комисијата за спроведување на постапката, ќе го покани наредниот рангиран понудувач да го склучи договорот или дава предлог за поништување на постапката. И ова е можност која нашиот град не смее да ја пропушти. Имаме можност да ја вратиме на италијаните, нема да ја вратиме, затоа што немаме обврска, а имаме лошо искуство.“ - вели градоначалникот Шилегов.

Советниците од ВМРО-ДПМНЕ ја поддржаа одлуката, но се сомневаат дека градот има капацитет да раководи и да ја модернизира Дрисла. Затоа не ја поддржаа втората точка, со која се укина моделот на јавно-приватно партерство.

„Мене ми личи од она што го прочитав дека, практично, независно како ќе заврши судскиот спор со Амбиенте, Градот нема намера да го прифати тоа судско решение, а тогаш ќе биде изложен да плаќа штета “ - изјави Владо Поповски, советник од ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје.

Шилегов тврди нема правна опција претходниот концесионер повторна да ја бара Дрисла под своја капа, ниту да добие некаква отштета по судска одлука. Дополнително уверува дека Градот може да одговори на предизвикот да стопанисува со депонијата, па дури и да профитира од неа. Инаку, таа е најголемата депонија во Скопје, која редовно се посочува како еден од главните загадувачи на градот, но низ годините никој не успеа да најде трајно решение, за конечно да се модернизира и да работи по сите еколошки стандарди, па дури и да произведува струја.

0 Коментари

Остави коментари