Колку се богати кандидатите за претседател на државата?
Foto

Колку се богати кандидатите за претседател на државата?

Со каков имот влегоа Река, Силјановска и Пендаровски во претседателската трка и што ќе остави зад себе идниот претседател на државата, кога на 12 мај ќе се всели во претседателската палата на Водно. Тројцата кандидати имаат прилично скромен личен имот.

Претседателскиот кандидат поддржан од СДСМ Стево Пендаровски живее во скопската населба Автокоманда, во стан од 62 метри квадратни. Народски кажано, тој е домазет, зашто станот е во сопственост на таткото на неговата сопруга и затоа не е наведен во анкетниот лист кај антикорупционерите. На име на Пенадаровски е запишано Југо од 1999 година и заштеда во банка од 12 илјади евра, што ги наследил. Неговата сопруга вози Рено Меган и има заштеда во банка од 3 илјади евра.

Гордана Силјановска Давкова, пак, нема недвижен имот на нејзино име. Таа живее во центарот на Скопје, на улица Орце Николов во семејна куќа, сопственост на нејзиниот сопруг. Куќата е од 114 метри квадратни и прилично стара. Силјановска нема автомобил. Нема возачка дозвола, ниту пак сака да вози автомобил. Нејзиниот сопруг, пензиониран правник, има Хонда Шатл од 1996 година. Бидејќи Силјановска не е носител на јавна функција, нема обврска да го пријави имотот кај Антикорупциска. Затоа и немаме детален приказ на незините банкарски сметки. Но од нејзиното семејството велат дека немаат значителни заштети во банка. Но, од друга страна немаат ниту кредити или други долгови.

Од штабот на претседателскиот кандидат Блерим Река одбија да ги дадат податоците за неговиот имот. Од она што Река го пријавил кај антикорупционерите, во периодот од 2006-2010 година, кога бил амасадор во ЕУ, се гледа дека тој поседува куќа во Скопје од 200 метри квадратни, вредна 200 илјади евра. Тогаш возел Ауди А 3, вредно 20 илјади евра. Река во банка пријавил дека има орочени 38 илјади евра и два кредита од над 30 илјади евра.

0 Коментари

Остави коментари