Кој може да биде погребан на Алејата на великаните?
Foto

Кој може да биде погребан на Алејата на великаните?

Не сите пратеници, политичари, функционери, не било кој можат да бидат почесни или заслужни граѓани а уште помалку великани, велат од Град Скопје по веста дека поранешниот пратеник Амди Бајрам ќе биде погребан во Алејата на великаните на градските гробишта „Бутел“ во Скопје. 

Откако јавноста реагираше бурно на информацијата што официјално ја објави партијата на Бајрам, Сојуз на Ромите од АД „Бутел“ ја демантираа веста и за ТВ 24 велат дека тие не се надлежни за таква одлука. 

И од Владата со сличен одговор. Оттаму велат дека тие како институција единствено можат да дадат предлог за кој одлучува Град Скопје.

Според Законот за гробишта и погребални услуги општините и градот Скопје со урбанистички план го определуваат градежното земјиште наменето за гробишта, Со проектите за распоредување на гробните места, меѓу другото се определуваат места за погреб, посебни места за погреб на заслужни граѓани или истакнати личности, за погреб на урни, места за анонимен погреб и места за расејување на пепелта. Според истиот закон а според намената постојат општи гробишта, посебни гробишта и спомен гробишта. 

A oд Град Скопје, пак се повикуваат на Правилникот во кој во детали се опишани критериумите според кои се одлучува кој ќе почива во алејата.

„Не значи дека ако некој бил пратеник дека по автоматизам му следува место во алејата. Луѓето кои таму почиваат треба да имаат добиено повеќе признанија и државни награди. Овој дел од гробиштата се смета за почивалиште на луѓе кои извршиле големо влијание во општеството со своите дела кои ги оставиле зад себе. За тоа постои комисија која одлучува според претходно утврдени критериуми.“ - велат од Град Скопје.

Инаку, во Алејата на великаните покрај поранешните претседатели на Македонија Киро Глигоров и Борис Трајковски почиваат и други истакнати политичари, народни херои, писатели, но и кралицата на ромската музика Есма Реџепова-Теодосиевска.

Освен Алејата на великаните на градските гробишта Бутел се наоѓаат и Алејата на поетите, Алејата на партизаните, Алејата на загинатите од скопскиот земјотрес од 1963 година како и Алеја на заслужни граѓани. 

Претседателот на Сојузот на Ромите Амди Бајрам беше погребан вчера на делот од гробшитата Бутел наменет за муслиманските верници.

0 Коментари

Остави коментари