Ќе се укине додатокот за трето дете
Foto

Ќе се укине додатокот за трето дете

Се укинува додатокот за трето и четврто дете. Наместо овој надоместок се воведува еднократна помош за секое новороденче. Анализите на Министерството за труд покажале дека  оваа мерка воведена од владата на Груевски не ги дала очекуваните ефекти врз наталитетот. Царовска вели, парите биле фрлени во бунар.

„За првото дете еднократен износ од 5000, за второто 20 000 и за третото дете 60 000 денари. Дополнително граѓаните што се во социјален ризик добиваат право да остварат детски и образовен додаток. И оние кои се на минимална плата. Трето дете како политика ја чини државата на годишно ниво повеќе од 2 600 000 денари, но нема резултати.“ - изјави Мила Царовска Министер за труд и социјална политика.

Околу 26.000 семејства кои сега добиваат надоместок, нема да го загубат, и ќе земаат пари од државата се додека не го исполнат правото 10 години за трето и 15 за четврто дете. Додаток ќе земаат и тие кои чекаат дете 10 месеци по стапувањето на сила на законските измени. Анализите на труд покажале дека наталитетот наместо да расте, се намалува. Така ако 2001 година стапката била 13,3 проценти, во 2016 година е 11,1 процент. Дека мерката не ги дала очекуваните ефекти потврдуваат и експертите. Велат треба да се формира специјално тело за популациона политика и за демографските состојби во земјава.

„Имајќи ја предвид анализата на наталитетот во подолг временски период која покажува намален тренд, а посебно на многудетни семејства превземените мерки во изминатиот период од десетина години не го дадоа очекуваниот ефект, посебно со трето дете. За трето дете се даваа и многу субвенции но без резултати. “ - вели Герасимовски.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак остро реагираше на укинувањето на надоместокот.

„Не се штеди на лубриканти, ама помошта на децата се укинува.Со укинувањето на овој додаток за мајката која родила трето дете ќе изгуби околу 1 милион денари за десет години. Ова претставува загуба за сите семејства кои планираат трето дете“ - велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Со Законот за детска заштита кој беше донесен во 2009 година, мајката добиваше 8.048 денари додаток за трето дете 10 години, а за родено четврто дете ако добива додаток за трето дете помошта е 11.267 денари за 15 години.  За девет години се исплатени речиси 208 милиони евра за трето и четртво дете. Законските измени се на Енер  и се очекува наскоро да влезат во Собрание.

0 Коментари

Остави коментари