Како Неготинци да стигнат до Штип?
Foto

Како Неготинци да стигнат до Штип?

Каде е патот за Штип? Ова прашање го поставуваат речиси сите возачи, кога ќе дојдат пред мостот кај неготинското село Пепелиште. Веќе дваесетина дена тој се реконструира, а сообраќајот е пренасочен преку селото Криволак.

Возачите кои од Неготино патуваат до Штип и Радовиш преку превојот на Серта, велат дека немаат информација за новиот сообраќаен режим по овој фрекфентен пат. Оние кои веќе возеле по новата рута, велат дека патот преку Криволак е во катастрофална состојба.

Тргнавме кон Криволак, за да се увериме во тврдењата на возачите. После селото, се вози по земјен пат, полн со дупки.

Од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека деновиве тој ќе се санира. Според зборовите на првиот човек на претпријатието Зоран Китанов, мостот кај Пепелиште морал да се реконструира, оти можел да падне. Оттаму велат дека возачите навремено биле информирани за реконструкцијата и за алтернативниот пат.

Патот Неготино – Штип преку превојот Серта е многу често користена рута за возачите кои од југот на земјата возат кон истокот.

Негова алтернатива е автопатот Неготино – Велес, но релацијата до Штип и Радовиш е подолга за 35 километри и вклучува плаќање патарина. Реконструкцијата на мостот кај Пепелиште се предвидува да трае околу една година.

0 Коментари

Остави коментари