ЈУБИЛЕЈНО 40-ТО ИЗДАНИЕ НА „БРАЌА МАНАКИ“
Foto

ЈУБИЛЕЈНО 40-ТО ИЗДАНИЕ НА „БРАЌА МАНАКИ“

Во присуство на бројни домашни и странски филмски професионалци, режисери, кинематографери, јавни личности и претставници од политичкиот врв на земјава кои продефилираа на црвениот тепих пред Центарот за култура во Битола. вчеравечер беше отворен ИФФК „Браќа Манаки“. Свечената атмосфера беше соодветна за одбележување на 40тиот јубилеј на овој реномиран фестивал, најстар од ваков тип во Европа – посветен на работата на кинематограферите.

Американскиот и светски познат кинематографер – Едвард Лакман, неколкукратен кандидат за за Оскар, шпанскиот кинематографер Хозе Луис Алкаине и композиторот Љупчо Константинов беа овогодинешните лауреати, добитници на престижното признание „Златна Камера 300“, со што се најдоа во редот на филмските фестивалски великани. Тие не го криеја своето задоволство за добиените високи признанија, што им беа доделени на свечената церемонија, под покровителство на претседателот на државата Стево Пендаровски. 

Последниот филм на уникатниот Педро Алмодовар „Болка и слава“ промовиран во март годинава, ја отвори фестивалската програма, за чија што главна улога Антонио Бандерас се закити со признанието за најдобар актер на Канскиот филмски фестивал. Кинематограферот на филмот Алкаине, како што го нарекуваат – мајстор на светлото и сенките, не криеше дека ужива во пренесувањето емоции на големото платно, третирајќи го секој кадар како посебна уметничка слика, што претставува голем предизвик кога автобиографска приказна треба соодветно да биде пренесена на големото платно, во случвајов онаа на Алмодовар.

Програмата на ИФФК „Браќа Манаки“ ќе трае до 21 септември, а во рамки на главната програма вкупно 12 филмови ќе се борат за престижните признанија Златна, Сребрена и Бронзена Камера 300.

0 Коментари

Остави коментари