ЈАНКУЛОВСКИ: НЕ ЗЕМАМ ДВЕ ПЛАТИ, ТУКУ НАДОМЕСТОК КОЈ МИ СЛЕДУВА
Foto

ЈАНКУЛОВСКИ: НЕ ЗЕМАМ ДВЕ ПЛАТИ, ТУКУ НАДОМЕСТОК КОЈ МИ СЛЕДУВА

Ректорот на УКИМ на суд ќе се докажува со Антикорупциската комисија. Откако вчера против него поднесоа кривична пријава, бидејќи освен како ректор, земал плата и од Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, Никола Јанкуловски денеска во соопштение испратено до јавноста, тврди дека одлуката е неоснована и дека нема судир на интереси. Повикувајќи се на неколку закони објаснува зошто има право да ја работи и својата основната дејност.

„Професорите на клиничките предмети согласно наведените прописи земаат една плата од два работодавци, од Медицинскиот факултет и од соодветната клиника. Тоа што ректорот го прима од Ректоратот е само функционален додаток на плата додека ја врши функцијата ректор. Тоа не е плата. Вака било и за сите претходни ректори. На ниеден ректор до сега не му мирувал работниот однос како што бара ДКСК, бидејќи ректорот е раководна, а не избрана и именувана функција како државните функции. И деканите земаат функционален додаток додека ја вршат функцијата декан.“ - се вели, меѓудругото, во соопштението на Јанкуловски.

Јанкуловски објаснува дека за да биде ректор мора да биде професор, а за да едуцира ученици мора и да оперира. Според него, ова е предвидено и во законот за високо образование и законот за здравствена заштита.

Антикорупционерите пак, остануваат на ставот дека одлуките ги донеле согласно законските надлежности и анализа на законските решенија, документи и информации од институциите. На вчерашната седница, кривична одговорност побараа и од директорот на Универзитетската клиника, бидејќи на Јанкуловски му овозможил да се стекне со материјална корист, а ќе бараат да се истражи и дали ова е случај и кај другите Универзитети.

„Во одлуката во членот1 стои дека: Ректорот на УКИМ за вршење на функцијата се утврдува месечен надоместок во вид на плата, пак тука значи не се утврдени работите“. „Значи тој не може да оствари право на две плати, и затоа едната треба да ја стави во мирување за да може да ја зема другата.“ - порачаа антикорупционерите.

Јанкуловски не сакаше да открие колкав е надоместокот што го зема како ректор, но во телефонски разговор вели дека не планира да се откаже од она што му следува и дека правдата и угледот на УКИМ ќе ги докажува на суд.

0 Коментари

Остави коментари