Историски најгломазен буџет – државната каса во изборна година ќе тежи 3,9 милијарди евра, јавниот долг 51 % од БДП
Foto

Историски најгломазен буџет – државната каса во изборна година ќе тежи 3,9 милијарди евра, јавниот долг 51 % од БДП

Најгломазен досега, ќе тежи над 3,9 милијарди евра, дури 200 милиони евра повеќе од годинашниов. Премиерот Заев и министерката Ангеловска го претставија новиот буџет. Повисоките плати и пензии се главниот белег на државната каса за 2020. За власта тоа е инвестиција во човечки капитал.

За опозицијата е предизборна желботека и купување на гласови. Пензиите од јануари ќе се зголемат линеарно за 700 денари што ќе повлече дополнителни 48 милиони евра од буџетот. Ваквите ат хок мерки ги практикуваше Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а Светската банка постојано ги критикуваше. Сега Заев тврди дека оваа мерка следува откако се зголемени минималната и просечната плата, а и ПИОМ бил во добра кондиција.

За платите на администрацијата ќе бидат потрошени над 485 милиони евра. Зголемувањето на платите на просветарите и здравствените работници ќе го чини буџетот повеќе од 40 милиони евра. Капиталните инвестиции се проектирани на 374 милиони евра, но прашање е колку ќе се реализираат, имајќи ја предвид ниската реализација во изминативе две години.

Наредната година Владата ќе се задолжи за скоро една милијарда евра, 560 милиони евра на странскиот пазар и 440 милиони евра дома. Јавниот долг ќе се зголеми од сегашните 47,7 отсто од БДП-то на помалку од 51 отсто. 

Владата планира следната година да собере 3,6 милијарди евра од граѓаните и од фирмите. Дефицитот е планиран на 2,3%, а инфлацијата треба да повлече стабилно ниво на цените, односно зголемување од само 1,7%. Новиот буџет Владата го темели на очекуван раст на економијата од 3,8 насто од БДП.

0 Коментари

Остави коментари