Институтот за демократија ѝ сугерира на ДКСК да работи со помалку предмети
Foto

Институтот за демократија ѝ сугерира на ДКСК да работи со помалку предмети

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во периодот од нејзиното конституирање во март 2019 заклучно со септември истата година примила околу околу 1000 пријави, одржала 22 седници и донела 273 одлуки, покажуваат резултатите од Првиот извештај за работата на Антикорупциската комисија што денеска го објави Институтот за демократија „Социетас Цивилис“.

Според извештајот, од 273 предмети кои ги отворила комисијата, 208 одлучила да ги затвори а за 65 решила да ја продолжи постапката. Граѓаните најмногу пријави поднеле за постапките при вработување и проверката на имотната состојба на функционерите за кои што Антикорупциска изрекла најголем број прекршочни налози.

Поради ова, програмскиот координатор во институтот Миша Поповиќ на комисијата и препорачува да работи со помал број предмети, но тие да бидат стратешки определени за да може да се постигне најголем ефект. 

Според Поповиќ, ефектот од одлуките од Антикорупциска, не може да се измери за толку краток период затоа што, како што рече тој, има почнати случаи и од други институции, особено каде што се вклучени, моќни луѓе, високи функционери, а тие случаи по природа траат долго. 

Мартина Илиевска, помлад истражувач во Институтот за демократија оцени дека е позитивно тоа што Антикорупциската комисија најголемиот дел од одлуките што ги донела ги започналљ по сопствена иницијатива.

Во врска со падот на земјава за 13 места според индексот за корупција, Поповиќ вели дека повеќе сме чамец што го носи струја отколку што имаме весла и кормило во борбата против неа. 

Од Институтот за демократија најавија и втор извештај за работата на Антикорупциска за периодот октомври-декември со што ќе се заокружи работата на оваа институција за целата 2019 година. 

Во меѓувреме антикорупционерите денеска имаа средба со  Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески на која, како што информираат од обвинителството било разговарано за засилување на соработката во борбата против корупцијата особено во доменот на континуирана комуникација и координација на иницијативите кои Државната комисија за спречување на корупцијата ДКСК ги поднесува до Јавното обвинителство.

0 Коментари

Остави коментари