Индустријата треба да биде носител на растот – стопанството бара помош
Foto

Индустријата треба да биде носител на растот – стопанството бара помош

Македонската економија не е подготвена за Европската Унија, смета дел од бизнисот во земјавата. Наспрема оптимизмот на Владата дека ова ќе биде година на економијата и дека на патот кон ЕУ најслаба карика ни е само јавната администрација, луѓето од приватниот сектор не се согласуваат со ваквите тези на политичарите.

Реформите не успеаја, вели Ангел Димитров од Организација на работодавачи, а за тоа не се винови само администрацијата и сложената бирократија. Главна задача во развојот на економија треба да биде индустријата, чие сегашно учество од 11,9 проценти во БДП не може да даде повисоки стапки на развој.

„Македонија предвреме ја уништи својата индустрија. Држејќи се слепо на таа неолиберална доктрина дека направете приватизација на стопанството, приватизирајте ги компаниите, либерализирајте ја трговијата и дерегулација на сите сектори и ќе видете дека тоа ќе го зголеми развојот на економијата. Но се покажа обратно. Ни пропаднаа крупни индустриски капацитети. Ни се намали бројот на вработени во индустријата. Ние се наоѓаме на стапка на развој каде индустријата треба да ни биде главна задача.“ - вели Ангел Димитров, Организација на работодавачи.

Сите држави главниот развој го темелат на државна помош. Владиниот план за економски раст, вели Димитров, е само знак дека државата има добра намера да работи во вистински насоки, но тоа не е доволно. На компаниите им е потребна поголема државна помош.

„Многу тешко можете да направите разлика дали автоматската машина што ја купува компанијата ги зголемува капацитетите на производството и добива 10% или тоа е некоја иновација која што треба да добие 40% или 50% грант од државата. Тука мора да сме внимателни. Сите тие субвенции мора да бидат транспарентни и да бидат изложени на гласот на јавноста, а јавноста е таа која ќе ја контролира јавната администрација, а администрацијата да не конролира нас бизнисмените, за да не направиме грешки.“ - вели Ангел Димитров, Организација на работодавачи.

Проекциите на Светска банка се дека годинава македонската економија заедно со Црногорската ќе бидат со најнизок раст во регионот од 2,9%. Најголем раст ќе има Косово, со 4,4%. Потоа Албанија 3,8%, Србија со 3,5% и Босна и Херцеговина ќе има раст на економијата од 3,4%. Владата пак е оптимистичка и предвиде раст од 3.2%.

0 Коментари

Остави коментари