Има ли застој во исплатата на владините субвенциите за компаниите кои обезбедија повисоки плати?
Foto

Има ли застој во исплатата на владините субвенциите за компаниите кои обезбедија повисоки плати?

Дава ли резултати најавената поддршка за плати до 18 илјади денари во трудоинтензивните дејности? По првичното покачување на минималната плата на 12 илјади, Владата најави субвенции од 30% и за работниците кои ќе добијат 18.000 денари. Помошта ќе им биде исплатена на работодавачите чии трошоци за вработените се над 50 насто од вкупните расходи. Но, работодавачите велат дека парите се уште не стигнале до нив, иако аплицирале уште во септември, а налозите за помош веќе се одобрени.

„Проклетството на оваа влада најверојатно е да има добри идеи, а лоша реализација. Септември, октомври, ноември, декември. Никој досега нема земено денар. Кога ги поднесовме обрасците за плата, забележуваме дека бараме за овие луѓе кои имаат покачување одредена субвенција и ни прифаќаат. Имам 500 луѓе и ми велат за 350 ти следува субвенција, ама пари нема. Министерството за труд и социјална политика вели дека ги потпишале налозите и се предадени и каде се парите?“ - вели Ангел Димитров, Организација на работодавачи.

Од Министерството за труд велат дека парите почнале да се исплаќаат.

„Според добиени податоци од Управата за јавни приходи за исполнетоста на условите досега од Министертсвото за труд и социјална политика е извршена исплата на 893 лица, за кои е исплатен износ од 649.939 денари кај 94 правни субјекти.“ - велат од Министерството за труд.

На прашањето зошто толку малку пари се исплатени со оглед дека првичните проценки беа дека условите ги исполнуваат 50 илјади работници во 15 илјади компании, од Министерството велат дека проценките се правени врз податоци од УЈП, но и дека очекуваат во наредните месеци да се зголеми бројот на барања, зашто финансиската поддршка е предвидено да се исплаќа од јули 2018 до декември 2019 година.

0 Коментари

Остави коментари