И останатите стопански комори бараат место до Анѓушев во министерството за финансии
Foto

И останатите стопански комори бараат место до Анѓушев во министерството за финансии

Бурни реакции на адресата на министерката за финансии Нина Ангеловска стигнаа по објавата дека поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев е единствениот претставник на бизнисот во Советот за фискални мерки, што таа го формирала во април годинава, во време кога се кроеја мерките за справување со Ковид кризата.

Писмена реакција и упатија и Сојузот на стопански комори и Комората на северо-западна Македонија, во која се бара министерката да објасни по кој основ и критериуми го поканила Анѓушев, со што, како што стои во дописот, направила директна дискриминација кон останатите релевантни комори.

„Она на што ние реагиравме е дека за Сојузот е многу важно да имаме правична застапеност во сите институции, во ова време кога креираме мерки за спас, а не да има исклучиво учество во владините институции претставници на крупниот капитал. Тоа беше случај со ова сега што го гледаме, односно дека господинот е претставник на Стопанската комора во тој Совет, а сите останати се практично дикриминирани и не можат да придонесат во тој Совет. Добивме директен одговор од министерката и тоа јавно дека г.Анѓушев не е поканет како претставник на Стопанската комора, туку како експерт кој има големи компетенции и е сопственик на извозна компанија.“ - изјави Данела Арсова, Сојузот на стопански комори.

„И затоа за нас е неприфатливо во едно вакво важно тело на државата да учествува само една комора, а знаеме дека секоја комора има свои специфичности и треба сите еднакво да дадат придонес.“ - вели Дриљон Исени, Комората на северо-западна Македонија.

Но министерката нема намера да го прошири составот на Советот. Вели дека целта на Советот не е да носи мерки, туку да понуди размена на искуства. А Анѓушев влегол во Советот поради неговото богато искуство во бизнисот.

„Советот нема формален карактер и членовите не се канети преку институции или тела, туку врз основа на нивниот претходен background. Ова не е фискален совет, не е формално тело кое има овластувања да предлага и носи мерки, туку работна група.“ - велат од Министерство за финансии.

Откако беа обелоденети мерките, во групата на компании што земаа пари како последица од кризата, влезе и „Брако“ на Анѓушев, со финансиска помош од Владата од 105 илјади евра, за исплата на минимална плата на вработените. А токму тоа сега ќе го истражува и Антикорупциската комисија, за евентуален судир на интереси.

„Аргумент плус, што го кажувате дека како советник учествува за да добие од друга страна економска корист, затоа што како економски советник може да влијае во утврдувањето на критериумите кои ќе ја формираат мерката. Во таа насока би одело нашето разгледување на предметот.“ - изјави Билјана Ивановска, Антикорупциска комисија.

Анѓушев за ТВ 24 претходно изјави дека Брако ги исполнил сите барани услови и верува дека со надминување на кризата парите ќе ги врати во буџетот. И дека не може да влијае врз одлуките за економски мерки, зашто тие се носат во Владата, каде тој не е член повеќе.

0 Коментари

Остави коментари