И новиот Вардар гази - победа во Монпелје!
Foto

И новиот Вардар гази - победа во Монпелје!

Новата сезона во ракометната Лига на шампионите почна победнички за Вардар. Во дуел на двата последни европски прваци, црвено-црните го совладаа Монпелје со 33-31.

Во многу изедначен натпревар, во кој победата можеше да се насочи во кој било правец, Вардар преовлада со концентрацијата, со искуството и со присебноста во клучните моменти. Иако противникот влезе со предност во последните 10 минути, вардарци ги свртеа работите.

Беше 29-27 за Монпелје во 52. минута, а потоа следуваше фантастичен период на Вардар со четири гола едноподруго. Кревкото водство до крајот го сочуваа Скубе и Дибиров со важни погодоци, додека Монпелје правеше грешки и безнадежно бркаше.

Претходно, Монпелје почесто водеше, но никогаш со повеќе од три разлика. Всушност, водството го украде од Вардар некаде околу 20. минута, кога од 12-10 за европскиот првак стана 14-12 за Французите, предност која ја одржаа до паузата, со 17-16. Во вториот дел Вардар се уште каскаше со негатива, но повремено се враќаше и изедначуваше, како на пример на 21-21 во 38. минута, потоа и 25-25 на влезот на последните 10.

Писонеро маневрираше со екипата колку што му дозволуваше, прво почна со Дисингер како лев бек, но многу бргу се реши за пониска и попргава постава со Скубе и Атман заедно покрај Криштопанс. Одлично се уфрлаше и Дибиров во организацијата на играта и Криштопанс помагаше кај пивотите, покажувајќи една комбинаторика на „новиот“ Вардар. Скубе и Дибиров со по шест гола ги предводеа стрелците.

0 Коментари

Остави коментари