И БРЗАТА ПОМОШ ЌЕ СЕ ПРИВАТИЗИРА?
Foto

И БРЗАТА ПОМОШ ЌЕ СЕ ПРИВАТИЗИРА?

И брзата помош може да стане јавно приватно партнерство – физибилити студијата на здравствените власти покажала неколку опции со кои може да се подобри работата на оваа служба, но пред да одлучи дали приватна фирма заедно со државата ќе раководи со брзата помош, министерот Филипче вели дека прво ќе дебатира со експерти.

- „Од економски гледан аспект мислам дека може да постои логика, со оглед на тоа што дефинитивно ќе се реши проблемот и со вработените во оваа служба, во смисла на доктори, медицински сестри, парамедици кои што би ги вовеле согласно европските стандарди, меѓутоа сакаме да видиме во исто време дали и ние ќе можеме да го надградиме капацитетот до тој степен да обезбедиме еден континиум во бројот на вработени, кој што е најголемиот проблем“. - Венко Филипче – Министер за здравство.

И додека се чека на јавна дебата за брзата помош, министерството за здравство веќе склучи договор за јавно приватно партнерство во областа на стерилизацијата. Приватна фирма ќе ги стерилизира државните болници.

И покрај тоа што стручната фела се противеше на оваа одлука, а од Асоцијацијата за дезинфекција и стерилизација предупредуваа дека има многу недоречености во тендерската спецификација, министерот Филипче убедува дека на овој начин ќе се намалат трошоците за државата, како и појавата на болнички инфекции...

- „Сметаме дека со набавка од едно место со централен увид сериозно ќе го зајакнеме капацитетот, дека ќе го сериозно подобриме квалитето на услугата, во смисла на намалување на болничките инфекции, а сето тоа ќе биде бенефит за пациентите“. - Венко Филипче – Министер за здравство.

Некласично јавно приватно партнерство здравствените власти пробаа да направат и во детската кардиохирургија. Тимот од државната клиника го преместија во приватната болница на Жан Митрев. Но проектот по само шест месеци пропадна, тимот се распадна, а дел од медицинскиот персонал замина во приватната болница Систина, па сега државата ќе дава пари во приватните болници Жан Митрев и Систина за кардиохируршки операциии на бебиња. Ова наиде на остри критики кај лекарската фела , кои порачаа дека со вакви непромислени проекти на здравствените власти губи само државното здравство и граѓаните.

0 Коментари

Остави коментари