ГУЖВА ВО ПУНКТОТ ЗА БЕЗДОМНИЦИ – ПО РУЧЕКОТ, ГОЛЕМ ДЕЛ ОД НИВ СЕ ВРАТИЈА НА УЛИЦА
Foto

ГУЖВА ВО ПУНКТОТ ЗА БЕЗДОМНИЦИ – ПО РУЧЕКОТ, ГОЛЕМ ДЕЛ ОД НИВ СЕ ВРАТИЈА НА УЛИЦА

Помалку од десетина секунди се потребни за да покажеме дека се уште има верба во човештвото и хуманоста Само одберете парче облека, нешто што не ви е потребно, сте заборавиле дека постои, и оставете го некаде на улица, сигурно ќе го најде некој кому највеќе му е потребно, затоа што вашето малку, некому му е се.

Облекувањето на дрвја, низ годините стана светски тренд и симбол за мало хумано дело што може да го направите во овој дел од годината. „Подариn топлина” беше мотото под кое оваа хуманитарна акција се организираше и во Скопје, за да не потсети дека меѓу нас има луѓе кои и оваа зима буквално живеат на работ меѓу животот и смрта.

Полуголи, полека предавајќи и се на хипотермијата или тивката бела смрт, на улица деновиве биле уловени повеќе од 20 бездомници. Екипите на Црвениот Крст дел од нив спасиле во последен момент.. Ги сретнавме на ручек во кампот за бездомници.

„Немам куќа од кога бев дете. Еве доаѓаме тука ни даваат нешто за јадење и тоа е.“ 
„Важно е што сум прибран, не сум на улица..“ - велат дел од нив.

Велат патот до дното е брз и лесен. Само со неколку погрешни животни одлуки и малку лоша среќа, лесно може да се разбудите на улица. Десетици тажни судбини, во овој период од годината се испреплетуваат во Момин Поток. Тука доаѓаат да одморат од тротоарите и на момент да стоплат душа.

А после? Kaj ќе одиме? На улица. Кај ќе најдеме таму ќе спиеме тоа е работата... 
„Сите сакаме да имаме куќа да имaме дом, како што им дадоа на другите од социјалното нели..“ - коментираат дел од луѓето во Момин Поток.

Во пунктот за бездомници овие луѓе можат да побараат храна и здравствена помош, а во зимски услови и да преспијат. Сепак, дел од нив не ги сакаат ваквите места.

- „Eдноставно ја имаат изгубено довербата oпшто во целиот систем и си имаат свои причини зошто не доаѓаат. Постојат и такви кои одлучуваат да бидат на минус 15 надвор, ние ги правиме сите напори да ги донесеме тука, затоа што навистина не е хумано, лице во постари години кое не е во добра психо-физичка состојба, да биде оставено надвор.“ - вели Драгана Лазаревска – координатор на Црвен Крст во пунктот за бездомници.

Од Министерството за труд и социјала велат овие луѓе не се заборавени, а освен во овој интервентен камп, велат секогаш можат да најдат долготрајно сместувалиште во Чичино Село, место во кое лицата од социјален ризик често одбиваат да бидат сместени, поради инциденти кои неретко ги полнат полициските билтени. Па затоа ја избираат улицата која им е познат терен. Така и денеска, по ручекот во Момин Поток, најголем дел од овие луѓе, се вратија таму од каде што дошле.

0 Коментари

Остави коментари