Грција задутре ќе го отвори Евзони
Foto

Грција задутре ќе го отвори Евзони

Ќе извисат ли Македонците за влез во Грција оваа среда? Шансите за користење на грчките плажи на 1ви јули, се повеќе се намалуваат со растот на новозаболени од коронавирус, а Македонија виси на работ на непожелна земја за влез. 

Од официјална Атина велат дека граничниот премин Евзони официјално од среда започнува со работа, но тоа не значи дека ќе биде дозволен влез и за македонски граѓани. Засега се чека координација со ЕУ членките. 

Стелиос Пецас портпарол на Влада на Р. Грција - За среќа стасани сме до фаза во која постои листа на земји што по писмена процедура се испраќа до државите членки за до утре да имаме финализирање на оваа листа на земји. Во секој случај, ако не постои договор на европско ниво, најдоцна до утре ќе ја знаете позицијата на Грција, бидејќи од 1 јули ги отвораме сите наши порти за светот. 

Според грчки извори, доколку ЕУ не одлучи утре, Македонија најверојатно ќе биде оставена на чекање уште две недели, а шанса за влез ќе има повторно на 15 јули.

Во меѓувреме од Европската Комисија за тв 24 велат дека тие остануваат на препораката за Западен Балкан, но според портпаролите Писонеро и Адалберт Јанц, земјите се уште преговарат и го спремаат списокот, конечната одлука ќе биде објавена од страна на Советот. 

Ана Писонеро портпарол на ЕК - Дискусиите се водат меѓу земјите-членки, така што не е можно да се каже ништо во оваа фаза. Како што знаете, земјите-членки се одговорни за составување на списокот.

Министерот Филипче денеска објави дека се координираат со Брисел, но и дека во текот на денот ќе има телефонски разговор со неговиот грчки колега Василис Кикилиас.

Венко Филипче министер за здравство – Имавме разговори со претставници на Советот за здравство на ЕК минатата недела, на кои што ги презентиравме сите наши наоди, статистики и анализи. Закажавме дополнителни состаноци за утре вторник и за во четврток, согласно нивната агенда на состанување. Во текот на денот очекувам да го слушнам и грчкиот министер за здравство во однос на најавите дека е можно да се отвори преминот Евзони. 

Инаку од 1ви јули официјално се отвораат аеродромите во Скопје и Охрид.

Генралниот директор на ТАВ Македонија , Алпер Ерсој денеска соопшти дека патниците мора да дојдат три часа пред летот затоа што преверките одат побавно.   Во авионите нема да има ограничување на местата за седење затоа што летањето би било неисплатливо, а атниците ќе мора да носат заштитни маски за цело време на летот.

0 Коментари

Остави коментари