Грција е затворена за Македонците до 31 јули
Foto

Грција е затворена за Македонците до 31 јули

Грција го продолжи до 31 јули 2020 година привременото ограничување на сите авионски, железнички и копнени поврзувања со Северна Македонија, како и забраната за влез на грчка територија на лица од Северна Македонија.

Ограничувањата се „од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на коронавирусот Ковид-19 на грчка територија за временскиот период од 16 јули 2020 година до 31 јули 2020 година”.

Одлуката потпишана од министрите за здравство, за транспорт и инфраструктура и за поморство, а се однесува на Северна Македонија, на Албанија и на Турција, вчера беше објавена во Службен весник на Грција, а денеска стапува во сила.

Забраната не се однесува на: грчки државјани, на лица кои имаат дозвола за престој и лица кои живеат во Грција, како и за транспорт на стоки, за влез на лица за апсолутно неопходни професионални причини, но и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Северна Македонија влегуваат во Грција за хоспитализирање на пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и EULEX на Косово.

0 Коментари

Остави коментари