ГРЦИЈА БРОИ ЖРТВИ ПО КАТАСТРОФАЛНОТО НЕВРЕМЕ НА ХАЛКИДИКИ - ЗАГИНАА СЕДУМ ЛУЃЕ
Foto

ГРЦИЈА БРОИ ЖРТВИ ПО КАТАСТРОФАЛНОТО НЕВРЕМЕ НА ХАЛКИДИКИ - ЗАГИНАА СЕДУМ ЛУЃЕ

Ваков пустош остави невремето на Халкидики. Траеше точно 20 минути, но сцените од Неа Мудања и Неа Потидеа се апокалиптични. Досега невидената бура на Халкидики однесе седум животи, а 108 луѓе се повредени. Силниот ветер корнел дрвја, лежалки и чадори на плажите,превртувал возила и приколки, и уривал покриви од таверните во неколку градови на грчкиот полуостров.

Двајца туристи од Чешка ги загубиле животите откако ветрот го превртел нивното возило, мајка и дете од Романија загинале откако врз нив паднал покрив од ресторан, а татко и неговиот двегодишен син настрадале од паднати дрвја. Грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис преку неговиот официјален Твитер профилл изрази сочувство до семејствата на жртвите.

„Сакам да го изразам моето искрено сочувство за семејствата на жртвите од катастрофалното невреме на Халкидики и да им посакам брзо оздравување на оние кои што се хоспитализирани. Вложуваме максимални напори за справување со проблемите и санирање на штетата.“ - изјави Кирјакос Мицотакис – премиер на Грција.

Владиниот портпарол Стелиос Пецас, на денешниот вонреден брифинг за ситуацијата на полуостровот објасни дека од Министерството за надворешни работи ги известуваат амбасадите на земјите од каде што се жртвите и повредените.

„Информирањето за повредените е континуирано, се известуваат нивните амбасади. Не би сакал да коментирам пред да се известат нивните амбасади, но повеќето од нив се туристи.“ - изјави Стелиос Пецас – портпарол на Владата на Грција.

Повредените се пренесени и неколку болници на Халкидики и во Солун, а една 72-годишна жена е хоспитализирана во критична состојба и се наоѓа на интензивна нега. Од пад на предмети поради силниот ветер на Халкидики, повредени се пет деца – четири девојчиња и едно момче, на возраст од 3,5 до 13 години. Сите се хоспитализирани во солунска болница и се надвор од животна опасност. Едно од децата имало повреди на главата и било потребно да се оперира, но и тоа како и останатите е надвор од животна опасност. Според управничката на болницата, четири од децата се од Грција, а едно, 13-годишно девојче е од Србија. Според македонското Министерство за надворешни работи, во невремето нема настрадани македонски државјани.

„Засега ниту еден македонски државјанин не пријавил ниту штета од невремето. Во тек се дополнителни проверки од страна на надлежните институции.“ - велат од МНР:

Во регионот е прогласена вонредна состојба. Денеска состојбата е мирна, а екипи работат на терен на санирање на штетите. По невремето постојат сериозни проблеми во снабдувањето со електрична енергија што е во прекин од вчера во повеќе делови на Халкидики. Истовремено, огромна штета е предизвикана и на патната мрежа. Невремето уследи по бран на многу топло време во Грција, при што температурите се искачија до 37 степени во изминатите два дена.

0 Коментари

Остави коментари