ГРЦИЈА БРОИ ЖРТВИ ПО КАТАСТРОФАЛНОТО НЕВРЕМЕ НА ХАЛКИДИКИ
Foto

ГРЦИЈА БРОИ ЖРТВИ ПО КАТАСТРОФАЛНОТО НЕВРЕМЕ НА ХАЛКИДИКИ

Само 20 минути беа потребни целосно да биде опустошен полуостровот Халкидики во Грција. Силната бура која ја го погоди северниот дел на државата, иако траеше кратко, одзеде седум човечки животни а стотина лица се повредени. Ветрот кој достигнал брзина од стотина километри на час носел се пред себе. Мајка и дете од Романија загинале откако врз нив паднал покрив од ресторан а  двајца туристи од Чешка починаа откако ветрот го превртел нивното возило. Грчката противпожарна служба, до три часот утрово добила над 600 повици за помош.

„Жалиме за сите кои ги загубија своите животи. Сакам во името на целата влада да упатам сочуство до семејствата на починатите. Ќе сториме се што е можно за да им помогнеме. Но ние повторно ќе се издигнеме бидејќи тоа е нашата мисија. Повторно ќе ги изградиме работите како што беа.“ - изјави Михалис Хрисохоидис – министер за цивилна заштита на Грција.

Откорнати и скршени дрва, бродови превртени во морето, жителите на Халкидики се уште не можат да се соземат од хоророт кој го преживеаа.

„Имаше многу гласен и силен звук. Немам слушнато такво нешто досега. Излегов да ги земам децата кои беа во дворот и имав чувство дека не врне дожд туку дека некој ме мава со камења.“

„Не врнеше многу но ветрот го направи целиот проблем. Беше толку многу силен. Ништо не можеше да остане на место.“

Од Македонското Министерство за надворешни работи, велат дека во невремето нема настрадани жители на државата. Од Генералниот конзулат велат дека се во постојан контакт со надлежните служби.

„Засега ниту еден македонски државјанин не пријавил ниту штета од невремето. Во тек се дополнителни проверки од страна на надлежните институции.“ - велат од МНР.

Во регионот е прогласена вонредна состојба а екипи работат на санирање на штетите. Во неколку делови во прекин е снабдувањето со електрична енергија голема штета е предизвикана и на патната мрежа. Во изминатиот период Грција ја зафати топлотен бран а само во последните два дена, температурите се искачија до 37 степени.

0 Коментари

Остави коментари