Грчкиот парламент расправа за гласање доверба на владата
Foto

Грчкиот парламент расправа за гласање доверба на владата

Во Грчкиот парламент почна расправата за гласање доверба на Владата по барање на премиерот Алексис Ципрас која ќе трае два дена, а чинот на гласање ќе биде утре вечер. Претседателот на Парламентот Никос Вуцис на почетокот на пленарната седница и покрај барањата на дел од пратениците расправата да трае три дена, пресече, отфрлајќи го предлогот на опозициските партии. Тој ги соопшти промените во пратеничките групи, преминувањето на Аристидис Фокас во Независни Грци и исклучувањето на Спирос Данелис од Река. Расправата ја отвори премиерот Ципрас кој рече дека Грција во 2019 година ќе биде друга земја, стабилизирана со унапредена улога во меѓународни рамки и во регионот. Бранејќи го договорот од Преспа, Ципрас рече дека заедно со поранешниот министер Коѕиас донеле историска одлука за да се реши спорот.

Кога е во прашање договорот од Преспа, ги почитувам оние кои имаат авторитет и совест, но не и оние кои се лицемерни. Мојата совест и мојата патриотска должност бараа од мене да ја искористам оваа историска прилика да се реши прашањето за името, знаејќи дека ова ќе има политичка цена.“ - изјави Ципрас.

Ципрас рече дека со поранешниот коалициски партнер Независни Грци не се сложиле околу преспанскиот договор. Тој ја обвини и опозициската Нова демократија дека лобира кај независните пратеници и оние од Независни Грци кои ја поддржуваат Владата, да не гласаат за доверба. Лидерот на Незавизни грци Панос Каменос најави дека ќе стори се владата да не добие доверба и дека со Ципрас, како коалициски партнери, немале никакви несогласувања, се додека не дошло конкретното прашање за договорот од Преспа. Глас за доверба за Ципрас е еднакво на „да“ за Договорот од Преспа, изјави лидерот на опозициската Нова демократија, Кирјакос Мицотакис. Тој рече дека според изјавите на пратениците кои го поддржуваат Ципрас, веројатно е дека Владата ќе добие 151 глас, колку што се потребни за изгласување доверба во Парламентот.

„Но, господинот Ципрас нема да ја ужива довербата од народот. И затоа повторувам дека најкоректното решение денес, најчистото решение се избори. Избори сега. Посакувам господинот Ципрас да не добие 151 глас“.  изјави Мицотакис.

Грчката полиција синоќа уапсила 62 годишен маж кој признал дека им праќал заканувачки пораки на независните пратеници и на оние од Независни Грци кои изјавија дека ќе го поддржат договорот од Преспа.

0 Коментари

Остави коментари