Градоначалничката Арсовска сепак ќе ги гради двата моста - во Аеродром и Карпош

Мостот кој треба да поврзува три општини, Аеродром, Гази Баба и Центар - истиот како таков е впишан во параметрите на моментално важечкиот ГУП.

Тоа за дел од стручната фела на урбанисти, планери и архитекти значи дека е неминовна неговата изградба. Според професорот и архитект, Мишко Ралев мостот како инфраструктурен објект е анализирана потреба и неспорен овозможувајќи на градот флесибилност и ефикасност во поглед на сообраќајот. 

„Затоашто градот сам по себе претставува супер систем од интегрирани подсистеми. Сообраќајот тука е битен дел од тој суперсистем за функционирање на градот. Со тоа што мора да биде ставен во некаква интегрирана целина. Градот не е гринфилд простор па можеме да калкулираме односно да се пропуштиме на идеални состојби, туку градот е во постојан развој – постојано менување.“ - вели професорот и архитект, Мишко Ралев. 

Од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска, за ТВ24 велат дека и покрај имотно-правните проблеми врзани при изградбата на мостот, истиот ќе се заврши како проект. 

„Планот на Градот Скопје е изградбата на овој проект да се заврши, поради што ќе се продолжи со разрешување на имотно- правните предмети и спорови со цел реализација на проектот. За жал, овој проект претходниот градоначалник го отпочнал без да има чиста состојба, односно нерешени се околу стотина имотно-правни предмети. Поради неодговорната работа на претходното раководство на градот, за изградба на овој мост, ќе бидат потребни повеќе години за негово поврзување, бидејќи почнал да се гради без обезбедено решение како би се завршил целиот проект.“- велат од кабинетот на Арсовска за ТВ24. 

Според професорот и архитект Мишко Ралев, оправданоста на мостот е во задоволување на јавниот интерес и потребите на граѓаните и градот. 

„Некогаш некакви простори треба да и несомнено да се жртвуваат за да се овозможат јавните интереси да бидат ефикасни, односно, да бидат задоволени јавниот интерес. Со тоа мислам дека потребата од вакво поврзување на три општини е несомнено и дека ќе го ефектуира, односно ќе го олесни сообраќајното движење во градот.“ -  вели професорот и архитект, Мишко Ралев 

Дополнително, од Град Скопје информираат дека поради истите проблеми во моментов невозможно е да се продолжи и проектот со мостот Љубљанска, за кој градот исто така се обидува да ги реши сите имотно-правни предмети, со цел реализација на проектот.

Овој мост кој што е отпочнат со градба треба да биде сообраќајно решенија што ќе обезбеди одржлива урбана мобилност за граѓаните, а тоа ќе значи побрз, поефикасен, и побезбеден сообраќај во Скопје.