Граѓаните и здравствените работници бараат нов Клинички центар - власта и опозицијата и натаму се во клинч
Foto

Граѓаните и здравствените работници бараат нов Клинички центар - власта и опозицијата и натаму се во клинч

Граѓаните и здравствените работници бараат нов клинички центар. Порачуваат политичките партии да ги надминат разликите и конечно да почнат да градат медицински центар кој што ќе им понуди поквалитетна здравствена услуга на граѓаните, но и подобри услови за работа на здравствениот кадар.

Нов клинички центар е потребен, затоа што нашево здравство не со години туку со децении наназад има застој во развојот и ќе донесе до големи бенефити на граѓаните на целата држава. Ние сме сепак една мала земја што за час и половина може да се стигне до која било точка“. 

„Постојниот објект е добар но застарен и многу други работи треба да се менуваат, повеќе би чинело да се реновира отколку нов да се гради, но што се чека не знам. Многу е лошо што опозицијата за многу работи опонира, која било власт да е ако опозицијата не соработува не е добро, гледам Србите за три меесеци прават болница“. 

„Треба нов клинички центар, но да е во близина на центарот, но и растеретен од гужвата и да се планира финансовата состојба не со луксуз туку со практична продуктивна работа, итен случај , тесен пат не може да се стигне“...

„Јас уште вработен бев се најавуваше дека ќе се прави нов клинички центар само на тоа остана, само гинекологија нова зграда што направија и друго ништо. Каде што е денешнава клиника има многу гужва, брза помош не може да влезе, тоа треба да се дислоцира некаде надвор од градот, само така ќе вреди“

„Плаќаме сите даноци, тие пари кај одат, треба да се направи, тоа треба да и е работа на власта.“ 

Не само граѓаните, туку и здравствените работници порачуваат дека е потребен нов клинички центар бидејќи постојниот како што е поставен инфраструктурно,  не обезбедува соодветна здравствена заштита. 

„Дали тој клинички центар би се правел како што планира власта на локација Ѓорче Петров или како што планира опозиционата партија во близина на болницата Филип Втори - не можам да кажам кој пристап е подобар, но во секој случај добро е итната патологија да се дислоцира од терциерното здравство или ако е можно да биде во еден склоп каде би се нашол простор - секако треба да се договорат политичките чинители кои  одлучуваат за тоа во секој случај вака не фунцкионриа соодветно.“ - вели д-р Горан Беговиќ - претседател на Самостојниот синдикат на вработени во Клиничкиот Центар „Мајка Тереза“. 

Според младите лекари и специјализанти треба систем кој што ќе го стави пациентот на прво место, а сега велат пациентите губат драгоцено време во здравствените лавиринти...

„Потребно е да се добива интегрирана медицинска експертиза, без притоа пациентите да се шетаат од еден до друг објект, на дожд да се пренесуваат за снимање или пак никој да не презема одговорност и пациентот да биде оставен на улица. Клиничкиот центар мора да понуди комплетна терциерна медицинска услуга и истовремено да обезбеди едукација и создавање на квалитетен медицински кадар.“ - вели вели д-р Божидар Кочоски - Асоцијација на млади лекари и специјализанти. 

Власта и опозицијата пак и натаму се во клинч. Лидерите на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ , Заев и Мицкоски - иако пред граѓаните ветија дека за овој капитален проект ќе соработуваат – сега законот кој треба да овозможи почеток на изградбата, со месеци е заглавен во Собранието, бидејќи ВМРО ДПМНЕ го блокира, со образложение дека власта ќе потроши превисока сума на пари. 

Инаку, предлогот на владејачката СДСМ е да се изгради комплетно нов центар на нова локација во кој што ќе бидат поставени сите клиники, медицинскиот факултет и каде што граѓаните ќе можат да добијат се на едно место, за што би се потрошиле 500 милиони евра. ВМРО ДПМНЕ пак предлага постојниот клинички центар комплетно да се реновира , а паралелно да се изгради нов Ургентен Центар кој би се поврзал со Градската болница Осми септември, што велат би чинело многу помалку пари.

0 Коментари

Остави коментари