Горивата се движат кон историски највисоките цени

Цените на горивата на чекор до рекорд, од вчера повторно во скок за два денари. Граѓаните се жалат дека цените на горивата секоја недела се покачуваат, а тоа се одразува на нивниот џеб. Такси превозниците незадоволни, велат не можат да постигнат да си ги платат давачките, а нивните корисници пред влегување прашуваат дали имаат попуст за возењето. 

Цените на нафтата и бензините непрекинато растат секоја недела, вели за ТВ24 Мичо Стојановски од Синдикатот за сообраќај и врски при ССМ, а тоа значи дека транспортните претпријатија кои возат локален и републички сообраќај ќе треба да се заклучат. Стојановски вели дека работниците едвај составуваат крај со крај, а тоа се одразува на нивниот животен стандард. 

Од Регулаторната комисија за енергетика за ТВ24 велат дека цените на нафтените деривати се берзански производ чија цена се формира од понудата и побарувачката, и дека земајава има најповолни цени на нафтените деривати во споредба со регионот. 

- Последната одлука на РКЕ со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати е резултат на зголемените берзански цени од изминатата недела. Методологијата која се применува за пресметување на највисоките малопродажни цени за одделни нафтени деривати, е речиси идентична кај сите земји кои се зависно увозни од сурова нафта, а принципите кои се применуваат се дефинирани согласно пазарните услови (понуда-побарувачка) кои ги дефинираат светските производители на нафта и нафтени деривати. - велат од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.

Само два денари нé делат од историски највисоките цени на дизелот што сме ги имале во Македонија. Цената на горивата од полноќ се зголемија за два денара по литар,  а со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,84 отсто.