Германија додели помош од 4 милиони евра за санација од земјотресот во Албанија
Foto

Германија додели помош од 4 милиони евра за санација од земјотресот во Албанија

Германската Влада ќе ја поддржи албанската Влада со грант од четири милиони евра за санација на последиците од земјотресот што ја погоди земјата на 26 ноември, јави дописничката на МИА од Тирана.

Амбасадата на Германија во Тирана веста ја објави на Фејсбук, наведувајќи дека грантот од четири милиони евра ќе биде даден преку германската банка за развој.

„Со средствата ќе се обноват училиштата и јавни згради во согласност со најновите стандарди за сигурност и енергетска ефикасност, стои во соопштенето од Амбасадата.

Во врска со оваа помош, како што пренесува телевизијата Ора њуз, германскиот амбасадор Петер Зинграф изјави дека Германија ќе и помогне на Албанија во изградбата на училиштата и јавните институции.

– Овој грант е еден од елементите од германската помош по земјотресот од 26 ноември кој трауматизираше многу Албанци. Реконструкцијата ќе послужи полека секојдневниот живот да се врати во нормала, рече Зинграф.

Неодамна, Европската Комисија одлучи да даде 15 милиони евра за Албанија за санирање на штетите од земјотресот. Советот на Европа донесе одлука на почетокот или во средината на јануари да се одржи донаторската конференција за настраданите во земјотресот во Албанија. Во функција на конфернцијата, која ќе се одржи во Тирана, албанскиот премиер Еди Рама во четвртокот во Рим се сретна со комесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји.

Инаку, на 8 декември албанскиот премиер Еди Рама престојуваше во Истанбул, Турција, на донаторска конфренција, каде турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ги свика земјите-членки на Организацијата на исламската конференција за помош на Албанија.

0 Коментари

Остави коментари