ФИТР: 2,35 милиони евра за поддршка на 84 микро и мали стартап компании
Foto

ФИТР: 2,35 милиони евра за поддршка на 84 микро и мали стартап компании

Вкупно 2,35 милиони евра ќе вложи државата за поддршка на 84 микро и мали стартап компании, соопштија вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Јован Деспотовски.

Тие синоќа ги презентираа 84-те стартап компании што ќе добијат финансиска поддршка од ФИТР на јавниот повик „Стартапувај 2“.

Во рамките на овој повик, во првиот бран беа поддржани 53 компании, но поради квалитетниот број апликации по препорака на Комитетот за одобрување на инвестиции, беа обезбедени дополнителни милион евра, за поддршка на уште 31 микро и мали стартап компании. Вкупниот обем на инвестиции изнесува над 3 милиони евра, од коишто 77 отсто, односно 2,35 милиони евра се средства што ги обезбедува Владата во соработка со Светска Банка, а 23 проценти или речиси 702.000 евра ќе ги обезбедат самите компании.

Своите искуства и успешни приказни на настанот во Музејот на современа уметност ги споделија Симона Николова од „Уретани“ и Игор Томовски од „Пајл Контрол“, чии компании беа избрани на првиот повик „Стартапувај“. Тие веќе успешно работат и на меѓународните пазари, а за нив поддршката од државата и Фондот, како што рекоа, била клучна за развој и напредок. Со своите говори ги мотивираа сите да се охрабрат и да аплицираат бидејќи како што велат процесот е транспарентен и беспрекорен, а техничката поддршка од Фондот особено значителна.

-Верувам дека изминатите три години, покажавме и докажавме како треба и како се поддржуваат луѓето кои имаат добри идеи. Го етаблиравме Фондот за иновации како дом за секој храбар, млад човек со конкретна идеја. Во портфолиото на Фондот, само во овие 3 години, заедно со овие кои денес ги објавуваме, поддржани се или ќе се поддржат повеќе од 500 домашни компании, во најголемиот дел станува збор за микро и мали фирми, што е навистина неспоредливо со периодот пред 2017 година, кога беа поддржани само 30-ина компании. Притоа, ова се компании кои ќе реализираат проекти во вредност од 73 милиони евра, вкупен обем на инвестиции, и влог на компаниите и поддршка од ФИТР, рече Битиќи.

Министерот Бектеши најави зголемена поддршка и нови владини мерки за стартап компаниите во иднина.

-Убеден сум дека имаме многу млади луѓе кои имаат идеи, само треба да ги охрабриме, да им дадеме можност, да не ги спречиме во исполнувањето. На таков начин ќе креираме и подобра економија за нашата држава, но истовремено и подобар животен стандард, подобро платени работни места и  поуспешна држава за сите нас, а утре и за нашите деца, истакна Бектеши.

Тој додаде дека ако пред три години државата не одвојуваше ни 1,5 милиони евра за стартап бизниси, сега, само за една година, буџетот за оваа намена е зголемен 10 пати. Според министерот, ваквите успешни приказни се поттик во иднина да се зголеми буџетот за поддршка на младите за стартап бизниси.

– Токму вие млади луѓе и вашите компании сте она здраво јадро во економијата што ќе не извлече напред. Со вас, од оваа економска криза ќе излеземе посилни. Во овие три години заедно покренавме инвестиции од над 73 милиони евра, од кои над 40 отсто се ваш влог, на домашните компании. Сега, веќе можеме гордо да зборуваме за многу успешни приказни и резултати од работата во изминатите три години. Само во 2019 година фирмите што користат средства од Фондот уплатиле на име придонеси и данок на добивка за 3,5 милиони евра повеќе средства во Буџетот отколку што Фондот исплатил кон проектите. Тоа се 3,5 милиони евра повеќе за болници, училишта, наставен кадар и медицински персонал, за пензии, социјала, рече директорот на Фондот, Деспотовски.

0 Коментари

Остави коментари