Фирмите поврзани со Цветанка Ласкова и Јован Донев може да извисат кај фондот за иновации
Foto

Фирмите поврзани со Цветанка Ласкова и Јован Донев може да извисат кај фондот за иновации

Компанијата „Декодикс“ поврзана со снаата на Цветанка Ласкова, има најмали шанси да ги добие 320-те илјади евра од грантот за иновации. Компанијата добила оцена дека е на граница на висок ризик од влијанието на советничката на премиерот. Мали шанси има и фирмата на сопругата на поранешниот амбасадор Јован Донев. Додека другите две фирми „Т- Сенс“ блиска до сопругата на актуелниот министер за култура, Асаф Адеми и „Микросам“ поврзана со поранешниот министер Веле Самак, се со понизок ризик од судир на интереси и со најголеми шанси да ги добијат парите за иновации. Ова го покажала процената на ризик кај четирите спорни фирми која за Фондот ја направи „Транспареси интернешнл – Македонија“.

„Компанијата „Декодикс“ на снаата на Ласкова доби оценка дека има среден ризик од нејзиното влијание, но речиси на граница со висок ризик. Тоа би требало да значи дека не ги исполнува условите да го добие грантот, но конечната одлука ќе ја донесе Комитетот врз основа на оваа процена на ризик. И другите три компании се во рангот на среден ризик. „Контура“ на Елена Донева, поврзана со поранешниот амбасадор Јован Донев, има нијанса помал ризик од „Декодикс“, но и двете се оценети со висок среден ризик“ велат извори од Фондот за иновации. Но, дали и која од фирмите ќе ги добијат спорните грантови тешки 770.000 евра ќе одлучи Комитетот за одобрување на инвестиции на крајот на јануари.

„Комитетот е закажан за 24 јануари бидејќи тогаш е и селекцијата за грантовиоте од другиот повик. Не го закажавме до сега Комитетот бидејќи секое викање чини пари. Само електронски да се изјаснат тие пет луѓе би не чинело 2.000-3.000 евра. Додека ако не е електронски, теба плус да се плати доаѓањето, сместувањето.“- вели Јован Деспотовски, директор на Фондор за иновации.

Под притисок на јавноста од грантовите се повлекоа фирмите блиски до вицепремиерот Анѓушев и пратеникот Локвенец. Но на темата судир на интереси, Анѓушев смета дека државата губи со повлекувањето на неговите фирми од државните тендери и грантови.

„Никој не постави прашања за некои процеси кои се отворија во јавноста подоцна отколку за таквите случаји. Јас најдов разбирање во сопственичката структира во моите партнери, да се откажеме од сите процеси и никаде не се учествува. Никој не прашува по кои цени тоа се плаќа, дали  се тие поскапи и дали е заштитен јавниот интерес.“ - вели Кочо Анѓушев, вицепремиер.

Фондот во првиот повик додели грантови вредни 10,5 милиони евра. По допрен глас Јавното обвинителство отвори и предмет откако во јавноста беше објавено дека меѓу добитниците се фирми блиски до функционери.

0 Коментари

Остави коментари