Финансиската полиција со кривична пријава за министерот за локална самоуправа Фазлиу
Foto

Финансиската полиција со кривична пријава за министерот за локална самоуправа Фазлиу

Актуелниот министер за локална самоуправа Фазлиу, кој заедно со неговиот претходник добија кривична пријава од финансиската полиција за незаконска исплата на хонорари во висина од 36 илјади евра, тврди дека случајот е затворен, а парите се вратени уште пред една година.

Министерот денес не одговараше на телефонските повици и пораки од новинарите, туку преку напишано соопштение објави дека обвинувањата се испратени на погреша адреса, зашто во тоа време со Министерството раководел друг.

- „Во мое време, пред една година овој случај е затворен. Им наложив на споменатите соработници во обвинувањата да ги вратат средствата и средствата беа вратени. Објавувањето на овој случај, конкретно во ова време и тенденцијата по секоја цена во име на финанасиската полиција да се стави дамка на моето име и мојата личност е пратено на погрешна адреса“, вели министерот Сухејл Фазлиу.

Министерот кој доаѓа од коалициониот партнер на СДСМ, Национална демократска преродба, му порача на директорот на финансиската полиција сериозно да се зафатат со истражување на реалните злоупотреби и да не дозволи да стане дел од политичките игри барајќи криминал таму кадешто не му е место. Директорот на финансиската полиција, пак, тврди дека иако парите се вратени, ќе се испитува дали министерите работеле незаконски. За овој случај кривични пријави заработија и две службенички кои, иако биле вработени во Министерството, биле дополнително ангажирани како експерти и за тоа добиле 36 илјади евра.

Финансиската полиција поднесе кривични пријави и против поранешните министри за образование Никола Тодоров и Панче Кралев. Се сомнева дека ја злоупотребиле службената положба, пред девет години, кога се склучил договорот за реконструкција на домот на АРМ во Охрид и со тоа го оштетиле буџетот за околу 80 илјади евра. Двајцата поранешни функционери не сакаа да го коментираат случајот.

0 Коментари

Остави коментари