Филипче во Бугарија договори донација на вакцини против Ковид-19
Foto

Филипче во Бугарија договори донација на вакцини против Ковид-19

Бугарија од секоја пратка на вакцини против Ковид-19, кои директно ги купиле од производителите, дел ќе донира и на нашата земја - ова беше одлучено на владината седница во Софија каде свое обраќање имаше министерот Венко Филипче. Со оваа одлука, во нашата земја вакцини против ковид-19 ќе стигнуваат во исто време, како и во останатите земји членки на Европската Унија.

„Благодарение на овој пријателски чин, со оваа донација за кратко ќе го почнеме процесот на вакцинација и ќе го олесниме пристапот до вакцините за да може да вакцинираме 60 до 70% од населението. Веќе разговаравме и за техничките детали во однос на испораката, верувам дека во исто време ќе добиеме дел од вакцините, како и земјите од ЕУ“ - вели Филипче.

Бугарскиот Министер за здравство Костадин Ангелов посочил дека целта на оваа одлука е постигнување солидарност во услови на излегување од кризата, која ја предизвика пандемијата.

„Имаме можност за препродажба и донирање на вакцини против Ковид-19. Во таа смисла, по покривањето на националните потреби и потпишувањето на соодветните спогодби, ќе обезбедиме вакцини за граѓаните на  Северна Македонија“ - рече Костадин Ангелов, министер за здравство на Бугарија

Бугарија како членка на ЕУ може да прави директни преговори со повеќе произведувачи.според информациите од бугарските здравствени власти  најпрво во софија ќе стигне вакцината на Фајзер, потоа на Модерна, па на Астра – Зенека... Освен преку донација од Република Бугарија, нашата земја обезбеди вакцини и преку ковакс механизмот. 

Европската Унија за земјите членки обезбеди 400 милиони вакцини и 100 милиони дополнително за земјите кои не се во Унијата, а вакцините може да ги добиваат со посредување на земји членки. Досега таков вид на помош, на нашата земја и понудија Полска и Грција. Македонија преговора и со произведувачите за директна набавка на вакцини и од нив.

0 Коментари

Остави коментари