Ево Моралес го прифати азилот и отпатува во Мексико
Foto

Ево Моралес го прифати азилот и отпатува во Мексико

Боливискиот поранешен лидер Ево Моралес, денеска го прифати политичкиот азил што му го понуди Мексико и со авион на мексиканската влада отпатува во Мексико, само еден ден откако поднесе оставка под притисок на војската и повеќенеделните масовни протести во Боливија. На Твитер даде ветување дека сепак ќе се врати во земјата со повеќе сила и енергија да повторно да ја води државата.

„Искрено жалам што ја напуштам Боливија, но ве уверувам дека ќе се вратам со повеќе сила и енергија. Праќам порака до своите приврзаници да им се спротивстават на мрачните сили кои ме принудија да дадамм оставка од функцијата претседател.“ - изјави Моралес.

Заминувањето на Моралес го потврди и министерот за надворешни работи на Мексико Марсело Ебрард. До одржувањето на нови избори, државата привремено ќе ја води претставничката на опозицијата и заменичка на претседателот на Сенатот, Жанин Анес .Во меѓувреме, американскиот претседателот, Доналд Трамп, изјави дека оставката на боливискиот лидер Ево Моралес ја чува демократијата и го отвора патот да се чуе гласот на боливискиот народ. Тој рече дека случувањата во Боливија им испраќаат јасен сигнал на Венецуела и Никарагва дека демократијата и волјата на народот секогаш победуваат.

Инаку, Моралес, кој првпат беше избран во 2006 година, успеа да ја подобри економијата на земјата, но одби да ги почитува уставните ограничувања и по четврти пат се кандидираше за претседател и тесно победи на изборите што се одржаа минатиот месец, на кои наводно имало големи нерегуларности. Под притисок на меѓународната јавност, тој ги поништи изборите и најави дека ќе распише нови, пред да поднесе оставка.

0 Коментари

Остави коментари